Апелација ја потврди пресудата против Насер Селмани, ЦИВИЛ предупредува на SLAPP тужби

Организацијата оценува дека санкционирањето на став изнесен во јавна дебата создава ризик од самоцензура и отвора прашања за усогласеност со европските стандарди за слобода на говор.
Foto: Facebook, Naser Selmani

Апелацискиот суд во Скопје ја потврди пресудата против новинарот и уредник Насер Селмани, кој е осуден за клевета и навреда поради изнесен став во јавна дебата за медиумската независност и притисоците врз уредувачките политики. Тужбата беше поднесена од ТВ Канал 5 и нејзиниот директор Иван Мирчевски.

Пресудата се однесува на изјави на Селмани во кои тој посочил дека медиумите во земјата сè уште се под влијание на политичките партии и владата, како и дека директорот на телевизијата врши притисок врз новинарите.

По одлуката на судот, ЦИВИЛ – Центар за слобода изрази сериозна загриженост, оценувајќи дека случајот укажува на загрижувачка пракса во која критичкото мислење и јавната дебата се изложуваат на судско санкционирање. Од организацијата посочуваат дека ваквите постапки можат да создадат амбиент на самоцензура и страв од јавно изразување ставови.

Според ЦИВИЛ, изјавите за кои е донесена пресудата претставуваат личен став и вредносен суд изнесени во контекст на јавна дебата – форми на изразување што, според европските стандарди и праксата на Европскиот суд за човекови права, уживаат засилена заштита.

Организацијата предупредува дека ваквите случаи имаат карактеристики на стратешки тужби против јавното учество (SLAPP), кои, како што наведуваат, се користат за притисок, заплашување и замолчување на критичките гласови. Нивниот ефект, според нивната реакција, не е само индивидуален, туку создава поширок „ефект на одвраќање“ од учество во јавната дебата.

Во соопштението се потсетува и на Препораката CM/Rec(2024)2 на Советот на Европа од 2024 година, со која земјите членки се повикуваат да обезбедат заштита од злоупотреба на судските постапки и да гарантираат безбедно и поволно опкружување за слободно изразување.

Случајот, како што наведува ЦИВИЛ, се одвива во поширок контекст на јавна дебата за политичкото влијание во медиумскиот сектор, вклучително и изразена загриженост за врски меѓу одредени медиумски актери и политички партии, меѓу кои и владејачката ВМРО-ДПМНЕ.

Фактот што изјавите биле дадени во студиото на медиумската платформа на ЦИВИЛ дополнително ја нагласува сериозноста на случајот, оценуваат од организацијата.

ЦИВИЛ изрази поддршка за Насер Селмани и ги повика новинарските здруженија, граѓанските организации, институциите и меѓународната заедница внимателно да ги следат ваквите случаи и да реагираат во рамки на правото и демократските стандарди.

„Во демократско општество, критичкото мислење не смее да биде причина за санкција“, наведуваат од организацијата, додавајќи дека ќе продолжат да ги следат сите случаи што укажуваат на притисоци врз слободата на изразување.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни