Преспанското езеро оживува: Нивото скокна за 48 см за два месеца

Преспанското Езеро конечно доби ронка надеж – нивото се зголеми за 48 сантиметри за само два месеца, според дневните извештаи на Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).

Обилните врнежи од дожд кои паднаа од 21 ноември 2025 година до 7 јануари 2026 година предизвикаа поплави во куќи, дворови и овоштарници, но донесоа и позитивни вести за Преспанското Езеро.

Според УХМР, водостојот кај мерната станица во Наколец на 8 јануари 2026 година изнесуваше 841,36 метри надморска височина, што е пораст од 48 сантиметри во споредба со 7 ноември 2025 година (840,88 мнв). Од 7 ноември до 2 декември нивото се зголеми за 27 см, а од тогаш до сега за уште 21 см.

Преспанското Езеро со децении се соочува со загрижувачки низок водостој, кој достигна максимум во 1963 година – 851,83 метри мнв, пред да почне постепено опаѓање поради климатските промени, неконтролирано користење и понирање на водата.

Овој неодамнешен пораст на водостојот носи нова надеж дека Преспанското Езеро може да се обнови, дури и по долги години песимистички прогнози. Езерото е споменик на природата, со големо значење за биолошката разновидност и е едно од најстарите зачувани тектонски езера во светот, старо над 5 милиони години.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни