Денеска на Хиподромот во Загреб ќе се одржи концерт на Марко Перковиќ Томпсон, за кој, според организаторите, се продадени околу половина милион билети. Сè укажува на тоа дека ова ќе биде најголемиот концерт во историјата на независна Хрватска.
Денот пред концертот помина со бројни фанови на Томпсон во центарот на Загреб кои пееја и палеа факели, додека фан-зоната на Бундек беше речиси празна. Во вечерните часови целосно беше прекинат сообраќајот во трите населби најблиску до Хиподромот – Кајзерица, Средишќе и Запруѓе. Затворени беа и Мостот на слободата, Авенијата Веќеслава Холејвца, како и дел од поширокиот центар на градот.
Поради концертот на Марко Перковиќ Томпсон, од петок навечер за сè моторен сообраќај се затворени населбите Кајзерица, Запруѓе и Средишќе. Другите сообраќајници и мостови што водат кон Хиподромот ќе бидат затворани во сабота, во зависност од протокот на луѓе кои доаѓаат на концертот. Препорака е посетителите да пристигнуваат пеш.
Од синоќа се затворени и Улицата на градот Вуковар (од Мирамарска до Круг), Авенијата Веќеслава Холејвца, Улицата на хрватското братство (од Вуковарска до Авенија Дубровник), како и Плоштадот на Стјепан Радиќ.
Бундек денес ќе биде отворен од 10 часот. При влез ќе се врши проверка и контрола на билетите. Посетителите ќе можат, пред влезот на Хиподром, да престојуваат и на паркингот кај ИНА и на Кајзерица. Организаторите апелираат да се преземе апликацијата MPT, која нуди навигација до точната локација на влезот според купениот билет.
На Хиподромот ќе се влегува попладне. Ќе бидат отворени околу 500 влезови. Не е дозволено внесување храна и пијалоци, освен вода. Не е дозволено внесување торби и ранци со затворен тип – сè што се носи мора да биде видливо со голо око.
На патот до Хиподром, посетителите ќе имаат на располагање питка вода на 40 хидранти и 7 цистерни распоредени низ градот.
Ќе бидат достапни 400 кревети на Велесаемот и 50 на Бундек. Во и околу Хиподромот се распоредени тимови на Брза помош. Сите болници се во посебен режим на работа.
Посетителите на Хиподромот не треба да повикуваат 112, туку да побараат помош кај најблиската ограда на секторот во кој се наоѓаат.
Препорачливо е секој да понесе личен документ, список на лекови што ги користи и контакт на лице за итен случај.
Концертот на Марко Перковиќ Томпсон почнува околу 21 часот и завршува околу полноќ. За да се избегне метеж при напуштање на Хиподромот, планирана е дополнителна програма и по концертот. Сите информации за излез ќе бидат прикажани на екрани поставени на кули низ Хиподромот.
Концертот на Томпсон е најкомплексната полициска операција во историјата на Хрватска, изјави заменик директорот на полицијата и раководител на штабот за организација, Дамир Бариќ. Ангажирани се околу 6500 полицајци, речиси 5000 редари и обезбедување, како и 70 пожарникари.
Целиот настан ќе биде снимен од страна на полицијата. Користење дронови е забрането, а секое недозволено користење ќе биде санкционирано.
Нормализација на сообраќајот се очекува во недела, во претпладневните часови.