Да бидеш родител е можеби еден од најтешките „спортови“ на светот. Спорт во кој нема тајм-аут, ниту одмор, ниту пензија. Родителите во очите на своите деца ја имаат улогата на сезнајковци. Децата очекуваат нивните родители да ги имаат одговорите на сите прашања, но родителите често остануваат неми кога станува збор за една тема.
Колку често родителите се запрашуваат – како да му одговорам на своето дете како доаѓаат децата на овој свет? Време е да си признаеме дека до одредена возраст можеме да ја користиме приказната за штркот, но што кога ќе ѝ „помине рокот“ и на таа приказна? До кога ќе ја избегнуваме вистината и до кога таа ќе биде табу и „срамотна“ тема?
Сите овие одговори може да се отстапат на неговото величество, ССО – сеопфатно сексуално образование. Токму овој предмет претставува нешто кое што е навидум забрането и срамно за разговор, а е од исклучително значење за секоја млада единка. Овој проблем се решава коренски, па ајде најпрвин да објасниме што значи поимот сеопфатно сексуално образование, зошто е важно за младите и како им помага на родителите во комуникацијата со нивните деца.
ССО ги учи децата подобро да го запознаат и прифатат своето тело и да се грижат за своето психо-физичко здравје. Благодарение на ССО, децата имаат шанса да се подготват со одговори и знаење за сите прашања и ситуации со кои може да се пресретнат во текот на животот поврзани со секојдневниот, емоционален и социјален живот.
За децата е важно, постепено со текот на годините да се запознаваат со оваа тема за да можат да разграничат добар од лош емотивен однос, да ги знаат последиците од незаштитен сексуален однос, да добијат повеќе информации за сексуално преносливите болести кои се чести токму поради сексуалната неписменост.
Но, зошто би требало родителите да воспоставуваат однос со своите деца преку кој ќе можат без пречки да зборуваат за овие теми? Децата се слика и прилика на своите родители. Свесно или несвесно, тие си земаат дел од нивните карактеристики, мислења и однесувања. А дефинитивно една од најважните карактеристики која децата треба да ја земат од родителите е слободоумноста и отвореноста да се запознаат со работи кои се важни за нивното здравје и истите да ги чувствуваат како нешто за кое може да се зборува и не е забранета тема.
Разговорот на тема ССО не треба да се смета како ни малку поразличен од разговор на било која друга тема. Ова се теми кои го засегаат човековото здравје и токму затоа би требало да се разговара исто како што на детето му се објаснува што треба да јаде и да избегнува за да го одржи своето тело здраво.
Една од едукаторките за ССО, Марија Ѓорѓиевска, го сподели своето мислење на оваа тема.
Таа го истакнува значењето од отворањето на оваа тема преку едукација и информирање. „Клучот за отворање на дискусија по овие прашања е токму постоењето на мотив за едукација и информирање на овие теми. Она што е заедничко за сите млади е желбата да се информираат“, вели Ѓорѓиевска, додавајќи дека за многу млади срамот и стравот од авторитетните личности, како што се родителите и наставниците, претставува пречка во слободното изразување.
Во контекст на рушење на стереотипите, едукаторката потенцира и дека „многу е важно да постои здрава врска помеѓу родителот и детето, базирана на љубов, разбирање, доверба и добра комуникација.“ Според неа, родителите треба да бидат подготвени да сослушаат, поддржат и дозволат децата да се развиваат како независни личности, особено во периодите на транзиција во тинејџерските години.
Ѓорѓиевска нагласува и дека постојат неколку основни алатки за подобрување на комуникацијата помеѓу родителите и децата, како што е активно слушање и создавање безбедна средина, дури и кога за кажаното сметаме дека е некоја за нас безначајна комуникација. „Активното слушање, фокусирањето на детето и креацијата на комфорна средина се клучни за да почувствува дека може да зборува слободно, без страв од осудување,“ истакнува таа, додавајќи дека поддршката на интересите на децата го зацврстува нивното чувство на доверба и отвора можности за разговори и за други значајни теми.
Создавањето на безбедна и поддржувачка средина за децата, особено во периодот на пубертет, влијае особено кон подобрување на комуникацијата меѓу родителите и децата. Според Ѓорѓиевска, клучно е децата да чувствуваат дека се наоѓаат во „комфорна средина каде можат слободно да зборуваат без страв од осудување“. Таа посочува дека „активното слушање и фокусирањето на детето се основни алатки“ за подобрување на комуникацијата, преку кои родителите можат да создадат чувство на доверба.
Покрај тоа, препорачливо е родителите да покажуваат интерес за хобијата и интересите на своите деца, бидејќи „ова ја зголемува самодовербата на детето и отвора нови теми за разговор, што дополнително ја зацврстува довербата.“ Во случаите кога родителите се соочуваат со тешкотии во разбирањето на потребите на своите деца или имаат недостаток од информации, Ѓорѓиевска предложува консултации со психолог или друго стручно лице за дополнителни совети и насоки. Како начин за поттикнување на социјализација и самодоверба, таа препорачува вклучување на децата во едукации и работилници за ССО, музички и уметнички активности, или форум театри кои „не само што им овозможуваат креативно изразување, туку ги информираат младите за значајни прашања“.
Разговорот и комуникацијата со родителите на тема ССО е само еден дел во придонесот за преместувањето на оваа тема од „табу полето“. Но, покрај родителите, клучна улога во процесот на развивање на младите играат и училиштата, односно професорите. Професорите се просветителите кои ги запознаваат своите ученици со светот од постручен аспект и како позитивна промена може да се спомене тоа дека професорите стануваат сѐ поблиски со своите ученици, односно ги ислушуваат, им помагаат, ги разбираат и едноставно се покажуваат како нивна поддршка.
Затоа, побаравме мислење и од една професорка која предава во едно скопско средно училиште, која го сподели своето мислење околу важноста да се зборува на оваа тема со учениците додека се во средно училиште.
Таа истакна дека училиштата и наставниците играат клучна улога во доближувањето на теми како сексуалното и здравствено образование (ССО) до учениците. „Доближувањето на темата може да се постигне преку разговори на часовите, водени од стручни лица кои знаат како да ја отворат темата и да ги поттикнат младите да зборуваат отворено,“ објаснува професорката. Професорката порачува дека работилници за родителите и учениците исто така може значително да придонесат за нормализација на овие теми и надминување на табуизираноста. Според неа, ваквите работилници би помогнале родителите и учениците да се ослободат во разговорот на оваа тема и да добијат насоки за тоа како да започнат и да ја водат дискусијата.
Од разговорите со ССО едукаторката и професорката, можеме да заклучиме дека генерално, младите и родителите се свесни дека оваа тема и покрај тоа што можеби е „тешка“ за разговор, е од клучно значење за здравјето на младите. Па затоа еве неколку начини како можеме да разговараме на оваа тема со нашите деца.
Постојат многу начини преку кои може денешното модерно време да биде помошник за родителот за да разговара слободно со своето дете за овие теми. Постојат голем број на подкасти, TedTalks, емисии и книги во кои се зборува за темата ССО кои дефинитивно можат да го олеснат пристапот на родителите кон децата.
Како добар пример, може да се спомене и серијата Sex Education преку која се покажува важноста на сеопфатното сексуално образование, користењето заштита (презервативи), земањето орална контрацепција, советувањето со психолог и сексолог кои на игрив начин го доближуваат ова до младите.
Конечно, наоѓањето начини како да разговараме на одредени теми, како ССО, не само што е важен за здравјето на нашите деца, туку и за создавање на отворена и доверлива врска помеѓу родителите и децата. Наместо да ги избегнуваме „тешките теми“, треба да ги охрабриме нашите деца да се чувствуваат сигурно во споделувањето на своите прашања и грижи. ССО не треба да биде табу тема – тоа е основен дел од развојот на нашите деца, што ќе им помогне да станат свесни, одговорни и здрави индивидуи во иднина.
Пишува: Јована Трајковска