„Проширувањето е стратешки интерес“, изјави Фриден на своето обраќање до пратениците на ЕП во вторникот во Стразбур, предупредувајќи дека ако се задржат земјите кандидати „во вечната чекалница“, тоа може да ги оттурне од Европа.
„Затоа е потребно да се оживее надежта и да се покаже дека пристапувањето во ЕУ е реално и близу. Во тој контекст треба да поставиме појасни и поблиски рокови“, истакна луксембуршкиот премиер.
Фриден додаде дека е време за финализирање на преговорите и дека одлуката за пристапување на Црна Гора треба да биде донесена следната година.
Како што пишува порталот Луксембург Тајмс, оваа изјава на Фриден е неочекувана, бидејќи никој досега толку јасно не повикал на прием на мала балканска земја во Европската унија до 2026. година.
„Оваа политичка посветеност кон политиката на проширување, која Фриден ја гледа не толку како формална вежба, а повеќе како геополитички инструмент, најверојатно го разликува од неговиот претходник и актуелен министер за надворешни работи, Ксавие Бетел, кој бил многу поскептичен по ова прашање“, оценува Луксембург Тајмс.
Премиерот исто така рече дека Европската унија треба да го преиспита процесот на донесување одлуки и го спомена концептот на европски концентрични кругови, со различни степени на интеграција на земјите-членки.
„Во светло на сè поголемата меѓународна конкуренција, Европа мора да ги преиспита своите процеси на донесување одлуки и повторно да размисли за концептот на Европа со концентрични кругови, каде некои земји ќе бидат повеќе интегрирани од други“, истакна Фриден.
Во своето обраќање, премиерот нагласи дека Европа треба да се посвети на своите основни вредности – слобода, демократија и владеење на правото, посочувајќи дека денешниот меѓународен поредок е под поголем притисок од кога било досега.
„Но, Европа не може да се откаже од меѓународното право и системот заснован на правила. Мораме да останеме глас за овие вредности“, додаде Фриден.
Тој ја поздрави иницијативата на Европската комисија за зголемување на заедничките набавки и инвестиции во одбраната и развојот на европската индустриска база, нагласувајќи дека членките на ЕУ треба да ги искористат своите индустриски капацитети за да ја заштитат Европа од оние што ги доведуваат во прашање нејзините вредности.
Извор: N1info.rs