Премиерот на Гренланд: Никој друг освен Гренланд и Данска нема мандат да склучува договори за островот

„Од почетокот рековме дека сакаме почит, мирни односи и силно партнерство како сојузник, но реториката што ја слушавме за нас е неприфатлива“, рече Нилсен.

Премиерот на Гренланд, Јенс-Фредерик Нилсен, изјави денес дека не е сигурен „што конкретно се наоѓа“ во најавениот „рамковен план“ на американскиот претседател Доналд Трамп за „идниот договор“ за Гренланд и порача дека никој друг освен Гренланд и Данска нема мандат да склучува договори за островот.

Нилсен на прес-конференција во Нуук изјави дека разбрал дека генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, во средата му пренел на Трамп „порака што ние всушност ја пренесовме пред неколку дена“.

„Од почетокот рековме дека сакаме почит, мирни односи и силно партнерство како сојузник, но реториката што ја слушавме за нас е неприфатлива“, рече Нилсен.

Тој додаде дека Гренланд е отворен за многу планови за понатамошна интеграција во НАТО, вклучително и преку „постојана мисија“ на островот, сè додека се почитува нивниот суверенитет.

„Имаме одговорност и затоа да разговараме за тоа преку вистинските канали, на начин кој носи почитување, и во тој случај сум сигурен дека можеме да најдеме решение кое ќе ни користи“, наведе Нилсен.

Тој порача дека суверенитетот и територијалниот интегритет на Гренланд се „црвени линии“.

„Со едноставни зборови, ние го избираме Данска, ја избираме ЕУ и НАТО, но ова не е ситуација која се однесува само на Гренланд и Данска, туку станува збор за светскиот поредок“, заклучи Нилсен.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни