Новата песна, опишана како шаманска и сонлива, е резултат на авторската соработка помеѓу Ана Ковачиќ и Дарко Рундек, носејќи ја препознатливата длабочина и креативна љубопитност карактеристична за двајцата уметници.

Видеото што ја следи песната произлегува од неочекувана уметничка врска воспоставена во 2023 година, кога Рундек и Санда Хржиќ учествуваа на уметничка работилница во Котли, Истра, посветена на заштитата на реките. Меѓу делата создадени во рамки на таа работилница, а минатата година изложени во Археолошкиот музеј во Загреб, особено се истакна видео-продукцијата на македонските уметници Хана Корнети, Ѓорѓе Јовановиќ, театарот „Сенки и облаци“ и Ѓорѓи Митревски.

Впечатени од нивната работа, Санда Хржиќ и Дарко Рундек ги поканија македонските автори да ја креираат визуелната приказна за новиот сингл. Уметниците со задоволство ја прифатија поканата, создавајќи видео кое стилски и концепциски го надополнува музичкиот израз.

Авторски тим на видеото:
Режија, монтажа, дизајн и анимација: Ѓорѓе Јовановиќ
Сценарио: Хана Корнети
Глума и сценографија: Театар „Сенки и облаци“
Продукција и камера: Ѓорѓи Митревски
Уметнички соработник: Санда Хржиќ
