„Уште еден среќен ден“: Премиера на Театар Чекор – апсурдот на човекот, уметноста и постојаноста

Инспирирана од Бекетовите „Среќни денови“, новата претстава на Театар Чекор ја истражува човечката упорност, меморијата и светлината што ја носи уметничкиот чин.

Театар Чекор со гордост ја најавува премиерата на претставата „Уште еден среќен ден“, на 5 декември во 20 часот (реприза на 6 декември). Делото е инспирирано од култната драма „Среќни денови“ на Семјуел Бекет, но во оваа режисерска интерпретација добива сосема ново, визуелно и емотивно слоевито читање. Наместо класичната сценска поставка во која Вини е заробена во земјена хумка, режисерката Снежана Коневски Руси ја преместува приказната во сосема поинаков микрокосмос: Вини е заробена во костими – спомени од цели децении актерска работа, сценски животи и раскажани приказни. На тој начин, тежината на материјалот станува тежина на минатото, а облеката станува слој на идентитет, биографија и трага што останува.

Главните улоги ги толкуваат Маја Ѓурчевска и Никола Димевски, кои преку нежен и емоционално прецизен актерски јазик го отвораат прашањето: што значи да се опстане во едно секојдневие кое е истовремено апсурдно, симболично и длабоко човечко? Претставата се движи меѓу интимата и експресијата, создавајќи музичко-визуелен јазик на телото, објектите и светлината.

Тон и светло ги потпишува Нина Неделкоска, чија работа ја следи драмската еволуција на ликовите. Плакатот за претставата е дело на Бранкица Јордановска, која создава визуелна атмосфера што го дополува концептот на овој современ театарски пристап.

Во „Уште еден среќен ден“ апсурдот не е само драмска форма туку тој станува огледало за човекот, за неговите трауми, надежи и малите ритуали со кои го продолжуваме животот. Претставата е истовремено нежна и силна, тивка и гласна, дишe со свој ритам и создава простор за гледачот да ја почувствува тежината и убавината на повторувањето, спомените и постојаноста.

Низ целиот перформанс одекнува духот на Антонен Арто, чии зборови се втиснати во центарот на драмата преку ликот на Вини: „Кога живеам, не чувствувам дека живеам, но кога играм – чувствувам дека постојам.“

Овој цитат ја носи суштината на претставата: уметноста како место на спас, на глас и на опстојување.

Премиерата и репризата ќе се одржат во Дом на култура „Димитар Влахов“ во Автокоманда, со времетраење од еден час. Билетите, по цена од 300 денари, ќе бидат достапни на самиот влез, пред почетокот на претставата.

„Уште еден среќен ден“ е драмско патување низ слоевите на човековата свест и уметничкиот живот — потсетник дека светлина има дури и во најдлабоките сенки.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни