Работена според мотиви од делата на Горан Стефановски, претставата ,,Замисли нов свет” обработува безвременски теми од нашата заедница, испреплетени една низ друга и раскажани преку добро познатите ликови од драмите на Стефановски.
,,Секогаш кога се подготвува претстава поврзана со ликот и делото на Горан, интересот е голем, бидејќи сите ние се пронаоѓаме во неговите дела, ги чувствуваме како блиски и безвременско релевантни” вели Никола Кимовски, директор на МНТ.
Во „Замисли нов свет“ ќе се појават актери од различни генерации и секој од нив ќе толкува повеќе улоги одеднаш. Во актерската екипа се Верица Недеска, Дамјан Цветановски, Игор Ангелов, Филип Трајковиќ, Нина Деан, Ана Јовановска, Стефан Спасов и Антонио Ташковски. Претставата е режирана од Нела Витошевиќ, по драматизација на Ана Ристоска-Трпеноска. Во креативниот дел се потпишуваат и композиторот Огнен Анастасовски, сценографот Костантин Трпеноски и костимографката Роза Трајчевска-Ристоска.
Претставата „Замисли нов свет“ е инспирирана од творештвото на нашиот најголем драмски писател Горан Стефановски. Првите 2 премиерни изведби ќе се одиграат вечерва и утре, на големата сцена на Македонскиот народен театар (МНТ), со почеток од 20:00 часот.
Ова е шести проект од почетокот на новата театарска сезона на Македонскиот народен театар, овој пат во продукција на „Сектор филм“ и копродукција на Македонскиот народен театар, а како продуценти се потпишуваат Владимир Анастасов и Ангела Несторовска.