Во среда, на 18 февруари 2026 година, со почеток во 20 часот во киното „Синеплекс“, ќе се одржи премиерата на долгометражниот игран филм „Соучесници“, копродукција помеѓу Србија, Македонија и Хрватска.
Филмот е работен по сценарио на Огњен Обрадовиќ, а во режија на Марко Новаковиќ. Зад продукцијата стојат „Зилион Филм“ од Србија, „Партизанс“ од Македонија и „Интер Филм“ од Хрватска.
„Соучесници“ е психолошка и социјална драма што го следи идиличниот живот на главните ликови, кој нагло се нарушува по сообраќајна несреќа. Додека се обидуваат да се справат со последиците, чувството на вина и прогон од сопствената совест постепено ја менуваат нивната врска и ги вовлекуваат во низа неочекувани настани.
Продуцент на филмот е Лазар Ристовски („Зилион Филм“), а копродуценти се Роберт Насков („Партизанс“) и Иван Малоча („Интер Филм“). Директор на фотографија е Бојан Ракиќ, монтажата ја потпишува Петар Шумоња, сценографијата е на Ирена Марјанов, костимограф е Снежана Карл, маскер Нина Илиќ, а оригиналната музика ја компонираше Владимир Пејковиќ. За дизајнот на звукот се задолжени Велибор Хајдуковиќ и Небојша Зориќ, а во постпродукцијата учествуваше и македонскиот тон-мајстор Игор Поповски.
Главните улоги ги толкуваат Невена Неранџиќ и Радован Вујовиќ, заедно со Аница Добра, Даница Ристовски, Зоран Цвијановиќ, Милица Јаневски, Златан Видовиќ, Анита Огњановиќ и Јован Белобрковиќ. Во филмот настапуваат и актери од регионот, меѓу кои и македонската актерка Сара Климоска, како и Стојан Матавуљ и Хана Јапунџиќ од Хрватска, Факета Салихбеговиќ-Авдагиќ од Босна и Херцеговина и Петар Новаковиќ од Црна Гора.
Филмот е поддржан од Агенцијата за филм на Република Северна Македонија, Филмскиот центар на Србија и Хрватскиот аудиовизуелен центар. Од 19 февруари 2026 година „Соучесници“ ќе се најде на редовниот репертоар на „Синеплекс“, како и во кината низ Македонија.