Во Денсинг салата во Младинскиот културен центар на 12 и 13 ноември во 20:00 часот ќе се одржи премиера на претставата „Снег“.
„Снег” зборува за себепотрагата и за љубовта. Таа го следи патот на младиот поет Јуко Акита до себеси и до боите во неговите снежнобели хаику стихови. На тоа необично патување до разгатнувањето на тајните на уметничката креација, Јуко открива прекрасна, љубовна историја, нежна и суптилна, која засекогаш ќе го промени неговиот живот.
За јапонската култура македонската публика знае многу малку, а јапонските прозни и драмски дела се ретко поставувани на македонската театарска сцена. Иако прекрасната новела „Снег” е дело на францускиот автор Максанс Фермин, таа во себе ја содржи срцевината на јапонската култура во најширока општествена и историска смисла. Освен тоа, таа е новела-мост помеѓу двете култури, онаа на Далечниот Исток и онаа на Западот. Во таа смисла, работата на еден ваков материјал е огромна провокација за целиот креативен и актерски тим, зашто подразбира истражување и учење на култура која е тотално различна од нашата, како и усвојување на низа вештини, потребни за да се раскаже оваа толку необична бајковидна приказна.