Премиера на претставата „Хеда Габлер“ во сабота во Драмски театар Скопје

„Хеда Габлер“ работена по текст на авторот Хенрик Ибзен е новата претстава во продукција на Драмски театар Скопје. Премиерата ќе се игра во сабота на 20 април со почеток во 20 часот на сцената „Ристо Стефановски“. Режисер на претставата е Васил Христов, адаптацијата е на Викторија Рангелова – Петровска и Васил Христов. Сценограф на претставата е Васил Христов и костимите се на костимографката Розе Трајчевска – Ристоска.

Улогите ги играат актерите на Драмски театар Скопје: Хеда Габлер Тесман – Сања Арсовска, Судијата Брак – Зоран Љутков, Јерген Тесман – Владимир Петровиќ, Ејлерт Левборг – Дениз Абдула и ликовите на Госпоѓа Елвстед и Јулијана Тесман ги игра Сара Климоска.

Режисерот Васил Христов во програмската белешка за претставата го истакнува следното: „Во 1890 година Хенрик Ибзен ја скандализира театарската јавност и воопшто естаблишментот, создавајки уште еден женски лик кој отстапува од востановените општествени норми. Хеда Габлер како една од најпознатите (анти)хериоини во драмската литература одигрува значајна улога во подигнување на свеста за женските прашања. Ибзен создава женски лик кој одбива да живее и да им служи на конвенциите на патријархалното општество. Нејзината борба за автономност и потрага по совршенство како и нејзината амбиција да поседува „машка моќ“ да може да влијае како врз сопствената така и врз судбината на другите, резултира со убиство на самото совршенство. Нејзиниот чин остава трага кој ја симболизира борбата за родови права и еднаквост“.

Режисерот Христов посочува дека драмскиот текст „Хеда Габлер“ , низ годините, многупати е поинаку режисерски толкуван и читан, драматуршки адаптиран, структурно видоизменуван, користен како мотив од автори вљубеници во неговото дело. Драмскиот материјал отвара можности внатре во него да се интервенира во согласност со современите театарски концепти, читања, толкувања условени и од општествените промени кои неминовно се случуваат. Денес кога менталното здравје, кризата на идентитет и морално-етичките норми се во фокус на интерес, драмата и Хеда Габлер како (анти)хероина стануваат дополнително актуелни и ги рефлектираат проблематизираните состојби во современото општество.

Актерката Сања Арсовска го истакна задоволството од тимската работа во процесот на создавање на претставата и ја искажа благодарноста кон режисерот што и ја доверил улогата со што и се исполнил сонот да ја игра Хеда Габлер, еден од најзначајните ликови во театарската литература.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни