Премиера на „Галеб“ од Чехов во Народен Театар Битола

Претставата е во режија на Багријана Попов, наградувана театарска режисерка, драматург и актер

Утревечер со почеток во 20 часот во НУ Народен Театар Битола, премиерно ќе биде изведена претставата „Галеб“ од А.П. Чехов во режија на Багријана Попов.

„Во оваа претстава ја истражуваме улогата на езерото и животната средина во корелација со животите на луѓето. Галебот прикажува една еколошка средина во која што езерото, човечките односи, љубовта, животот и дивиот свет се меѓусебно поврзани и кревки. Млад човек живее покрај езеро, во провинции, изолиран. Тој сонува да биде уметник. Младата жена во која е вљубен сонува да биде актерка. Неговата мајка е позната актерка. Нејзиниот љубовник е познат писател. Оваа прекрасна, нежна претстава нè води во светот на уметноста, љубовта, сонот за слава и болната реалност на животот. Чехов ја нарече претставата комедија, но последниот момент е трагичен, со загубата на младиот Костја. Претставата ги наметнува прашањата: Како може да се избегне оваа загуба?  Можеме ли подобро да се грижиме за луѓето и природата? Со актерите од Битолскиот театар го носиме галебот овде и сега, со езерото како централен карактер, суптилно влијаејќи на односите кои се одвиваат околу него. Волшебната претстава на Чехов е љубовно писмо за животот, носејќи ја нашата свест до кршливост и потребата за грижа“ велат од Битолски Театар.

Улогите ги толкуваат Јулијана Мирчевска, Илија Волчевски, Огнен Дранговски, Катерина Аневска- Дранговска,Васко Мавровски,Соња Ошавкова,Леонида Гулевска,Александар Димитровски,Живко Борисовски,Валентин Дамчевски, Дарко Велкоски. Сценографијата е на Валентин Светозарев,а костимите на Благој Мицевски.

Багријана Попов е наградувана театарска режисерка, драматург и актер.  Соработувала со признати актери во Австралија и Европа. Нејзината верзија на „Чичко Вања“ од Чехов, во продукција со „Ла Мама“, беше изведена со високи пофалби на фестивалот во Аделаида во 2019 година.  Багријана покажува длабок и траен интерес за драмите на Антон Чехов и ги има адаптирано и режирано неговите четири главни драми. Театарската адаптација на „Вишновата градина“ – на „Прогрес и меланхолија“ – освои 3 награди, меѓу кои и награда за најдобра режија.

Таа предава и режира во повеќе институции во Австралија, вклучувајќи ги западно-австралиската академија за применети уметности, Викторија колеџот за уметности, Универзитетот во Тасманија, Универзитетот Ла Троб, Универзитетот Чарлс Стурт.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни