Долгометражниот документарен филм „Време на бетон“ во режија на Игор Иванов ќе има интернационална премиера во рамките на 13. Фестивал за филм и архитектура во Прага. Проекцијата е закажана за 29 септември, со почеток од 14:30 часот во Националната галерија во Прага, соопшти „Скопје филм студио“.
По проекцијата е најавено предавање од кураторите на изложбата „Ниедно чувствo не е конечно: Колекција на солидарноста во Скопје”, реализирана во соработка помеѓу Кунстхале Виена, Национална галерија Прага и Музеј на современата уметност Скопје.
„Следната дестинација на ‘Време на бетон’ ќе биде 18. Интернационален фестивал на архитектонски и урбанистички филм во Истанбул, во организација на истанбулското одделение на Турската комора на архитекти. Фестивалот ќе се одржи од 7-ми до 11-ти октомври и ќе прикаже 37 филма, иновативни дела селектирани од рекорден број на пријави годинава – 850 наслови од 101 земја. Проекцијата на ‘Време на Бетон’ е закажана за 11-ти Октомври од 18:00 часот, во Кино Бејоглу и ќе се натпреварува за една од фестивалските награди“, велат од „Скопје филм студио“.
„Време на бетон“ е уникатен и длабок увид во архитектонската и урбаната историја на Скопје, со посебен фокус на модерната, која го следи градот од почетокот на дваесеттиот век. Снимен е по сценарио на Игор Иванов и Томи Салковски. Автор на нарацијата која го води филмот е Ѕвездан Георгиевски, а наратор е Никола Ристановски. Соработници на сценариото се Мишко Ралев и Јордан Минов, изборот и изведбата на музиката е на пијанистката Дуња Иванова. Кинематографер е Ѓорѓи Клинчаров, монтажата е на Дејан Смилески, а дизајнот на звук на Игор Поповски. Продуцент е Томи Салковски.
Фестивал за филм и архитектура во Прага е единствениот фестивал во Чешка со архитектурата во својот фокус, кој има за цел да ја истакне како особено значаен сегмент во секојдневниот живот и да ги промовира пред пошироката публика современите архитектонски пристапи.