Премиера на детската театарска претстава „Црвенкапа“ на Театар Куманово

Театарот е уметност која потсетува на сите вредности кои треба да се уважат и да бидат репер за добар и среќен живот.

Вчеравечер кумановскиот театар имаше премиера на претставата „Црвенкапа“.

На задоволство на најмладата публика пред преполната сала за која се бараше билет повеќе актерите изиграа маестрална изведба на претставата која ќе има долг век во Театар Куманово.

„На наша голема радост, вчерашната премиера помина многу добро, билетите се распродадоа за рекордно време. Сите сме задоволни, и колегите на сцена и колегите зад сцена и целиот тим кој работеше на неа. Многу сум горд за тоа што го направивме и очекувам претставата да има долг век и многу изведби затоа што пренесува моќни пораки кои се универзални и допираат до сите“, изјави Никица Јанковски, актер во претставата.

Претставата започна да се подготвува во текот на месец јуни и е со делумна финансиска поддршка на Министерството за култура.

„Јас ја играв улогата на волкот, кој е тука да ја разобличи онаа дволичност и лицемерие, затоа што волкот и во приказната и во ова сценско остварување се преправа да добие нешто, што е за секаква осуда“, продолжува Никица.

Во претставата играа актерите: Александра Михајловска, Анастасија Величковиќ, Матеј Стојковски, Никица Јанковски и Владанка Крстевски. Режијата е на Бојана Краљевска. Сценографијата е на Крсто Богојевски, костимите се на Дарко Илиевски, музика Јован Цветковиќ и драматургија Сашо Костовски.

Никица потенцираше дека целата претстава почнува помалку необично и различно од сите изведби на Црвенкапа досега. Почнува со семејство, претставено со едно девојче Мила која има задача да напише домашна за Црвенкапа и како заеднички родителите и помагаат да ја изработи домашната. Последната сцена е пак од семејството кое поттикнува едно големо прашање околу семејството и нивната посветеност која помалку се губи во модерниот начин на живот. Театарот е тука да потсети на сите вредности кои треба да се уважат и да бидат репер за добар и среќен живот.

Вечната приказна за Црвенкапа, приказната за доброто и лошото, која се игра во сите театри беше вистинско освежување за најмалите на нашиот репертоар во Куманово.

Интересот за детските претстави е секогаш голем кај кумановската публика. Наскоро ќе биде закажана и првата реприза на претставата. Со претставата „Црвенкапа“ ќе се претставиме и на Фестивалот Малиот принц кој се оддржува во Штип од 18 до 20 септември.

Најново

Последни колумни