Театар Комедија ја најавува премиерата на новата театарска претстава „Аматери“. Македонскиот режисер Синиша Евтимов освен режијата ги потпишува текстот и музиката на претставата.
Од таму ја информираат јавноста дека премиерата ќе се одржи за два дена, на 15 октомври, а претпремиерата утре, на 14 октомври, додека првата реприза ќе се одржи задутре, на 16 октомври.
„Аматери“ е сатирична и експлозивна театарска претстава што ги меша историјата, поп-културата и современиот апсурд во еден хаотичен, магично-забавен свет. Од Солунските атентати, преку партизани во „Фортнајт“ универзумот, до пародични реклами за Кавадарци, козметика и хотели – сè е дозволено и ништо не е свето. Преку динамични сцени и ликови што постојано се движат меѓу мит и реалност, „Аматери“ поставува прашања за идентитетот, историјата, смислата на животот и сè останато.
“, пишува во соопштението на татар „Комедија“.
Ова е претстава за револуционери и будали, за љубовници и предавници, за партизани и инфлуенсери – за сите нас што од љубов кон идејата или хаосот остануваме аматери.
„Аматери“ е спектакл кој ја брише границата меѓу смеење и плачење, меѓу историјата и фикцијата, меѓу трагедијата и фарсата.
Оваа претстава ја одбележува педесеттата премиера по ред од основањето на Театар Комедија и претставува значаен јубилеј во неговата историја.
Продуцент на претставата е Татјана Дешко, сценографијата и костимите се на Илина Ангеловска. Асистент на режиja е Борjан Стоjков.
Играат: Атанас Атанасовски, Валентин Костадиновски, Сергеј Димоски, Тони Денковски, Виктор Арсов, Јаков Спасов, Столе Мицов, Илија Илиоски, Жарко Димоски, Жаклина Петровска, Маја Љутков и Елена Кузманов.