На сцената на Театарот за деца и младинци вечерва премиерно ќе биде изведена најновата куклена претстава „Музиката на мојата птица“ – театарска бајка која носи топла порака за љубовта, емпатијата и прифаќањето.
Ова уникатно дело, во режија на гостинката од Србија, Емилија Мрдаковиќ, е создадено по мотивите од романот на Ана Анисимова, а драматуршката адаптација ја потпишува Драгана Лукан Николоски.
Претставата е комбинација од класична куклена игра и изведба со актери на сцена, нудејќи едно поинакво театарско искуство. Таа раскажува емотивна приказна за слепо девојче кое низ својата тактилна призма го доживува светот на уникатен и посебен начин. Наместо да се фокусира на конфликтот со околината, претставата ја истакнува хармонијата во внатрешниот свет на главниот лик, покажувајќи дека среќата е можно да се најде во секој агол од животот, ако тој е исполнет со љубов и разбирање.
„Музиката на мојата птица“ е топла и емотивна приказна за семејство кое успева да ги надмине општествените стереотипи и пречки, покажувајќи дека она што често се гледа како хендикеп може да биде извор на сила и посебност,“ вели драматургот Лукан Николоски.
На сцената ќе ги видиме актерите Матеа Јанковска, Ана Левајковиќ Бошков, Мартин Јорданоски и Владимир Лазовски, а сценографијата, куклите и костимите се дело на Адриана Добрева. Музиката е компонирана од Алексеј Мрдаковиќ, кој преку своите мелодии дополнително ја надополнува емотивната атмосфера на претставата.
Претставата ќе има уште една изведба на 19 декември.
Ова не е само обична претстава за деца, туку важна лекција за сите возрасти – дека љубовта, емпатијата и прифаќањето се клучот за среќен живот, без оглед на пречките со кои се соочуваме.
Фото: Театар за деца и младинци