Македонскиот анимиран филм „Јон Вардар против галаксијата“ продолжува да го освојува светот. Оваа недела филмот ќе ја има и својата афричка премиера во Нигерија, како и португалска премиера на Азорските Острови – два настана кои уште еднаш ја потврдуваат неговата успешна меѓународна фестивалска траса.
Првата проекција ќе се одржи на Zuma International Film Festival во Абуџа, главниот град на Нигерија. Ова е прво појавување на филмот пред афричка публика. фестивалот, кој го организира Нигериската филмска корпорација, годинава го одбележува своето 15. издание под мотото: „Раскажувањето приказни и глобалното влијание: Филмот како моќно средство за економски развој“.
Темата ја нагласува улогата на кинематографијата во обликување на јавните наративи, поттикнување културна размена и создавање нови економски можности преку креативните индустрии – контекст кој совршено се вклопува во духот на македонскиот анимиран филм.

Филмот потоа патува и на Азорските острови, каде ќе биде прикажан на 9. AnimaPIX, фестивал познат по неговиот оригинален пристап кон анимацијата и визуелните уметности. AnimaPIX традиционално ја слави „детската креативност во секој од нас“, а програмата вклучува проекции, изложби, промоции на илустрирани книги и други визуелни форми.
„Јон Вардар против галаксијата“ е првиот македонски долгометражен анимиран филм, а досега е прикажан на повеќе од 40 меѓународни фестивали, каде што освои 5 престижни награди.
Филмот е во режија и по сценарио на Гоце Цветановски, со арт-дирекција на Михајло Димитриевски – Тхе Мичо, продуцент е Алан Кастиљо, а гласовите ги толкуваат Жарко Димоски, Емилија Мицевска и Дамјан Цветановски.
Овие две нови премиери ги прошируваат континентите на кои филмот се прикажува, зајакнувајќи ја видливоста на македонската анимација и отворајќи простор за нови фестивалски и продукциски соработки.
