На сцената на Театар Комедија вечерва во 20 часот премиерно ќе биде изведена претставата „Анна“, драмски текст на Драгана Лукан Николоски, во режија на Нина Николиќ, една од најавтентичните авторки на современата македонска режисерска сцена. Ова е десеттата премиера на Театар Комедија во текот на 2025 година.
Претставата ја отвора интимната и болна приказна на Ана – жена која навидум има сè: стабилност, углед и семејство создадено „по мерка“. Но, зад фасадата стои свет на прикриена самотија, емоционална невидливост и тишини што не се слушаат. Средбата со Алексеј ѝ го нарушува тој ред и ја буди страста како илузија за слобода. Но се отвора и поголемото прашање – дали бегството навистина ослободува, или создава нов, уште посуптилен затвор?
Драмата, инспирирана од тематските координати на „Ана Каренина“, не претставува адаптација, туку современа авторска интерпретација што го преиспитува животот на жената од 21 век: изборот, телото, гласот, бракот, побуната и цената што ја плаќа секој што се осмелува да ја редефинира сопствената улога. „Дали 150 години подоцна Ана има шанса да победи?“ – прашува режисерката Николиќ во својата авторска експликација.
Визуелниот и техничкиот идентитет на претставата го потпишува Илина Ангеловска (сценографија, дизајн и графичка реализација), додека костимографијата е на Ивана Каранфиловска Угуровска. Автор на музиката е Оливер Јосифовски, чија композиција ја следи драмската напнатост и го носи емоционалниот пулс на дејството.
Главната улога ја толкува Маја Љутков, а на сцената настапуваат и Благој Веселинов, Саша Ханџиќ, Маја Зеќо и Тони Денковски (глас).
Премиерата доаѓа во момент кога Театар Комедија го завршува годината со значајни инфраструктурни подобрувања: ново гледалиште со 305 целосно нови столчиња и нов ПВЦ-под, реализирани со поддршка на Министерството за култура и туризам и Амбасадата на Република Полска, преку програмата „Полска помош“.
Публиката вечерва ќе има можност да ја види првата поставка на „Анна“ – современа драма за слободата, стравот, изборот и последиците што ги носи секое човечко „сакам“ и „не можам повеќе“.
