Премиерот на Гренланд: Доста е – идеите на Трамп за припојување се неприфатливи

Јенс Фредерик Нилсен порача дека реториката од Вашингтон претставува непочитување и предупреди дека заканите и разговорите за анексија немаат место меѓу сојузници.

Премиерот на Гренланд, Јенс Фредерик Нилсен, остро реагираше на последните изјави на американскиот претседател Доналд Трамп, оценувајќи дека разговорите за „американска потреба од Гренланд“ се „целосно неприфатливи“ и претставуваат отворено непочитување.

„Сегашната и повторувана реторика од САД е целосно неприфатлива. Кога американскиот претседател зборува за ‘потреба од Гренланд’ и нè поврзува со Венецуела и воени интервенции, тоа не е само погрешно – тоа е непочитување. Сега е доста“, напиша Нилсен на социјалните мрежи.

Тој нагласи дека Гренланд не сака повеќе притисоци, недоразбирања и, како што ги нарече, „фантазии за припојување“. Според него, иако Гренланд е отворен за разговори со САД, тие мора да се водат преку соодветни дипломатски канали и со целосно почитување на меѓународното право.

„Отворени сме за дијалог и за дискусии, но тие мора да се водат со почит и во рамките на меѓународното право“, порача Нилсен, пренесува BFM.

Премиерот истакна дека Гренланд е дел од НАТО и дека е свесен за својата стратешка позиција во Арктикот, но дека „заканите, притисоците и приказните за анексија немаат место меѓу пријатели и сојузници“.

„Нашата земја не е предмет во реториката на големите сили. Ние сме народ, држава и демократија, и тоа мора да се почитува – особено од блиски и лојални пријатели“, додаде Нилсен, според Анадолија.

Американскиот претседател Трамп и претходно во повеќе наврати тврдеше дека Гренланд треба да биде дел од САД поради националната безбедност и стратешката позиција на Арктикот. На ваквите изјави реагираше и данската премиерка Мете Фредериксен, која го повика Вашингтон да „престане со заканите“ кон, како што рече, „историски близок сојузник“.

Јенс Фредерик Нилсен нагласи дека Соединетите Американски Држави немаат право да анектираат ниту еден дел од Кралството Данска – Данска, Гренланд или Фарските Острови – и потсети дека народот на Гренланд јасно порачал дека земјата не е на продажба.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни