Вкупно 314 странски државјани досега биле евакуирани од Блискиот Исток преку специјалниот национален план „Естиа“ на кипарската Влада за прием и репатријација, преку територијата на Кипар, на странски државјани, информираа преку платформата Икс од кипарското МНР, јави дописничката на МИА од Атина.
Во рамките на „Естиа“ и по барање на Франција претпладнево на аеродромот во Ларнака пристигнал авион од Израел, со 101 патник, а сите биле безбедно транспортирани до објектите на Координативниот центар од каде што ќе бидат префрлени во простори за привремен престој сè до нивното заминување.
– Вкупниот број на лица евакуирани преку планот „Естиа“ сега изнесува 314, соопштија од Министерството за надворешни работи на Кипар.
Пред десет дена кипарската Влада го активираше специјалниот национален план „Естиа“ што се однесува на прием, евакуација и репатријација на странски државјани од кризни подрачја преку територијата на Република Кипар.