„Преку езерото“ – Меѓународен филмски фестивал по вторпат во Дојран

Организаторите на филмскиот фестивал „Преку езерото | Across the Lake “, што од 19 до 23 јули по втор пат ќе се одржи во Дојран, ја претставија официјалната програма на фестивалот и деталите околу проекциите и настаните кои носат нов квалитет и содржина во македонската култура и градот Дојран ова лето.

Ќе бидат прикажани пет долгометражни и девет кусометражни филмови во официјалната селекција од Македонија, Грција, Србија, Франција, Турција и Иран, ќе има специјална програма за деца со проекции и едукативни шоуа, мастерклас за студенти и студентски филмови и специјална проекција во чест на наградените.

Режисерот Јани Бојаџи, како директор на фестивалот, соопшти дека целта била да се оформи програма која е пресек на најдоброто на Балканот и Медитеранот во овој момент и најави „експлозивен“ почеток.

– Се работи навистина за арт-хаус филмови на најзначајните имиња на современите балкански и медитерански кинематографии. Фестивалот го почнуваме експлозивно, со најдоброто иранско остварување во последните неколку години, долгометражниот игран филм „Трета Светска Војна“. Фестивалот има и специјална програма „Во Фокус“, секоја година ќе одбираме една земја за да може на нашата македонска публика подобро да и ги приближиме современите тенденции во балканските и медитеранските кинематографии, оваа година во фокус е Србија,  изјавил Бојаџи.

Техничкиот директор Владимир Карпузовски посочил дека отворањето е на 19 јули во Амфитеатарот во град Дојран.

Претседателката на советот на фестивалот Мими Ѓоргоска-Илиевска појаснила дека една од клучните цели е да се придонесе и за Дојран и за целиот регион, како едно значајно туристичко место и поврзување на филмот, културата, туризмот, културниот туризам.

– Сето она што е многу важно за афирмација на Македонија како една многу важна и значајна дестинација со огромно културно богатство и наследство, изјавила Ѓоргоска-Илиевска.

Фестивалот ќе се одржи на неколку локации во градот, а организаторите ги покануваат сите љубители на филмот и магијата на Дојран да бидат дел од второто издание на Преку езерото филмскиот фестивал.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни