Прекинати два подморски интернет кабли што ги поврзуваат Финска и Германија и Литванија и Шведска

Министрите за надворешни работи на Финска и на Германија се сомневаат во саботажа

Оптичките интернет кабли коишто ги поврзуваат Финска и Германија и втор помеѓу Литванија и Шведска, а коишто минуваат под Балтичкото Море, биле прекинати во рок од 24 часа. Иако подморските кабли може и случајно да се оштетат, според CNN, тоа се случува многу ретко.

„Речиси истовременото прекинување на два кабли оддалечени околу 65 милји е знак за саботажа. Никој не верува дека овие кабли се случајно отсечени. Мора да знаеме дека, без да знаеме конкретно од кого доаѓа, дека се работи за хибридна акција, а исто така мора да претпоставиме дека, без да знаеме од кого сè уште, дека ова е саботажа“, смета германскиот министер за одбрана Борис Писториус.

Во заедничката изјава, министрите за надворешни работи на Финска и на Германија истакнаа дека фактот што таков инцидент веднаш покренува сомнеж за намерна штета зборува многу за нестабилноста на нашето време и додадоа дека европската безбедност не е само под закана од руската агресивна војна против Украина, туку и од хибридна војна од злонамерни актери.

Овие настани се случуваат неколку месеци откако НАТО предупреди дека Русија развива стратегии за да го наруши глобалниот интернет, при што таа ги мапира подморските оптички кабли како идна референца. Непосредно пред да се случи сомнителната саботажа, американската влада ѝ дозволи на Украина да користи американско оружје со долг дострел за да нападне цели во регионот Курск во Русија, што дополнително ги разгорува тензиите и ги зголемува сомнежите за руска вмешаност.

И покрај овие напади, прекинот на интернетот останува ограничен. Telia Lithuania, компанија која го води кабелот Литванија-Шведска, вели дека оштетениот кабел управувал со околу една третина од интернет капацитетот на Литванија. Тој сообраќај е веќе обновен, иако кабелот допрва треба да се санира. Компанијата Cinia, која е одговорна за оптичкиот кабел Финска-Германија, исто така потврди дека услугата преку таа линија е прекината.

Во поновата историја, ова не е прв ваков чин на интернет саботажа. Франција претрпе саботажа со оптички кабел за време на Олимписките игри во Париз. Исто така, има и други извештаи за акти на саботажа, како подметнување пожар, сајбер напади, па дури и бомбардирања, кои се случиле во границите на НАТО во текот на изминатите неколку години.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни