Прекин на телекомуникациите меѓу Финска и Естонија: Полицијата сомничи саботажа, приведени 14 членови на екипаж

Финската полиција истражува можен чин на саботажа по оштетување на телекомуникациски кабел меѓу Хелсинки и Талин. Под контрола е ставен брод, а приведени се 14 членови на екипажот.
Талин, Естонија - Фото: CAPTAIN RAJU/Wikimedia Commons

Телекомуникацискиот кабел на компанијата „Елиса“ (Elisa) денес беше оштетен меѓу Хелсинки и Талин, поради што дојде до прекин на телекомуникациите меѓу Финска и Естонија. Финската полиција сомничи можна саботажа, а бродот за кој постои сомневање дека е поврзан со инцидентот, со име „Фитбург“, по 11 часот беше ставен под полициска контрола.

Началникот на финската полиција, Илка Коскимаки, изјави дека во рамки на операцијата се приведени 14 членови на екипажот, пренесува Yle.

Меѓународен екипаж, истрагата во почетна фаза

Според информациите, меѓу приведените има државјани на Русија, Грузија, Казахстан и Азербејџан. Коскимаки потврди дека бродот моментално се наоѓа на безбедна локација.

Полицијата нагласува дека истрагата е во почетна фаза, а сите околности околу оштетувањето на кабелот допрва ќе се утврдуваат.

Сомнение за тешка саботажа

Во соработка со брод на Финската гранична служба, полицијата ја презеде контролата врз пловилото и го зазеде командниот мост.

„Во тек е истрага за сериозен прекин на телекомуникациите и обид за тешка саботажа“, соопшти Финската гранична служба.

Координација со Естонија

Шефот на Граничната служба, Макку Хасинен, изјави дека информацијата за оштетениот кабел ја добиле рано утрото од компанијата „Елиса“.

„Од самиот почеток сме во контакт со нашите естонски партнери“, истакна Хасинен.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни