Израел и Хамас се согласија на првата фаза од планот на американскиот претседател Доналд Трамп за Газа – договор за прекин на огнот и ослободување на заложници, кој може да го отвори патот за завршување на двегодишната крвава војна на Блискиот Исток.
Само еден ден по втората годишнина од нападот на милитантите на Хамас, кој ја поттикна разорната израелска офанзива врз Газа, посредничките разговори во Египет резултираа со договор за првата фаза од Трамповиот 20-точковен план за воспоставување мир во палестинската енклава.
Клучни информации:
Владата на Нетанјаху го одобри договорот за прекин на огнот кој беше постигнат претходниот ден во Египет. Примирјето стапи на сила во 1:30 по локално време. Извештаи од Појасот Газа наведуваат дека небото конечно замолчело. САД ќе испратат 200 војници како дел од заедничка работна група за стабилизација на Газа, без влез на американски војници во самата енклава. Лидерот на Хамас изјави дека добил гаранции оти војната во Газа е целосно завршена. Доналд Трамп пак најави посета на Израел и Египет овој викенд по повод церемониите поврзани со мировниот договор. Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека Турција ќе учествува во надзорот на спроведувањето на примирјето.
Сцените од Тел Авив покажуваат славје по објавата на договорот, додека нападите врз Газа запреа откако стана јасно дека договорот стапува во сила.