Старите добри времиња. Сите се сеќаваме на старите добри времиња. Со топлина во
душата и благо заматен поглед, ќе се сетиме на времето кога имаше вистинско
другарство. Немаше фешн (мода), немаше богатство нели, но имаше среќа и слога. Леб
намачкан со свинска маст и малку црвен пипер врз него, па трк на техно. Убави времиња.
Буквално сите се сеќаваат, поточно знаат дека “порано беше боље“, а се чини најдобро се
сеќаваат оние кои воопшто и не “беВа“ таму.
Ерата на диносаурусите ми е добро позната, со оглед на тоа дека и самиот потекнувам од
тоа време. Ко вчера да беше, не? Се сеќавам на 091, телефонскиот префикс за Скопје и
времето кога моравме да свртиме шест броја за да ѕвониме кај некого. Мојот број беше
206 – 237: “Ало? Добро вечер, дали може да го добијам Мирко? Не може, Мирко е отиден
кај братучед му на гости за викенд“. Тоа значи дека Мирко тек за два-три дена можеш
повторно да се обидеш да го побараш, или на кратко, Мирко едно време не постои. Еднаш се обидов да ѝ го објаснам концептот на комуникација во осумдесеттите години од минатиот век на мојата ќерка родена во 2000та година. Добив краток одговор: “камено доба“.
Една од најгледаните ТВ серии во тоа камено доба се викаше “Ало, Ало“. Сместена во
окупирана Франција од Германците во Втората светска војна, серијата беше ненормално
популарна кај моите генерациски пријатели. Јас пак, традиционално не го делев тоа
популарно мислење и сосем арогантно, вљубениците во серијата нагалено ги нарекував
под-луѓе. Навистина бев едно злочесто и пакосно момче. Подобро сум сега, благодарам
на грижата 😉
Старото добро “Ало, Ало“ деновиве доби скопски ри-мејк и тоа низ филтерот на кралот на
современата македонска театарска комедија Синиша Евтимов, режисер кој заедно со
неверојатно квалитетниот ансамбл на Тератар Комедија, повеќе од деценија владее со
“бокс-офисот“, но и срцата на публиката која сака да се смее.
Од душа се смееме, што би рекол Јорго кафеанџијата во хит претставата “Ало, Ало“, која
едноставно морате да ја погледнете. Доколку успеете да набавите билет, се разбира.
Освен поради смеењето кое докажано го продолжува животот, има уште две клучни
причини зошто оваа претстава е незаобиколна за современиот Скопјанец, или било кој
граѓанин на оваа преубава земја.
Мултидимензионално сместена во окупирано, пардон, админстрирано Скопје од Втората
светска војна, “Ало, Ало“ е слика и прилика на денешно, или веројатно било кое Скопје од
било кое време. Валкано, расипано, (не)човечно, смешно, тажно, боемско, но пред сѐ и
над сѐ, мултиетничко и космополитско. Две лекции кои очигледно треба да ги
повторуваме до бесвест, особено ако сакаме да станеме градот убав од нашите
најконструктивни соништа. “Ало, Ало“ изобилува со локално етничко, но иинтернационално variété, прикажани со речиси совршен морален баланс.
Повелете излезете, прошетајте деновиве низ скопските улици, ќе се уверите во реалноста на градот
како интернационална заедница. Со оглед на фактот дека повторувањето е мајка на
знаењето, да повторуваме заедно дами и господа: разноликоста е нашата моќ. Додатно,
голема предност е и што денес сами се администрираме 😉 Обидете се, размислете на
темата. Не боли.
Втората причина за да се упатите директно на благајната на Теарар Комедија, е
егзорцистичката моќ на оваа фантастично шоу. “Прехитлеризирани сме!“ – реплика која ја
пласира ѓаовлестиот кафеанџија Јорго (читај: Зорба:) е краток и брутален опис на нашето
време. Ете, некои луѓе предупредуваат дека живееме во атмосфера идентична на онаа
пред Втората светска војна. Свет кој врие со насилници од типот на господинот Путин-
Бајден-Трамп, Хамас-Иран-Израел, или комшиското опортунистичко хитлерче од Задруга,
господинот Вучиќ, е котел во кој се подготвуваат најгадните манџи. Македонија исто така
изобилува со неколку благонадежни хитлерчиња. Освежени од демократското право да ја
купат “Мајн кампф“ во било која самопослуга, итаат да му сервираат богат оброк од
омраза на сопствениот народ, распламтувајќи најдолни страсти и чиста НЕкултура.
Затоа ни е потребно да се смееме. Интелигентната комедија е чиста форма на култура и
совршено средство за егзорцизам на некултурата. Културата е морална димензија која нѐ
одвраќа од базичниот нагон да се испоизедеме меѓу себе. Слободна територија на
човештината. Алтернативна реалност, како понуда за подигање на квалитетот на животот.
Подигнете класа. Имаме итна потреба од тоа.
Фото: Стефан Реихл, Кире Галевски, Емил Петров