Предупредување: Патот меѓу средно Водно и Пантелејмон опасен за возење

Општина Карпош информира дека патот меѓу Пантелејмон и Средно Водно во моментов не е безбеден за движење со моторно возило поради голомразица, а на оваа делница утрово беа забележани повеќе возила заглавени во снегот.

„Надлежен за одржување на овој пат е ЈП „Македонија пат“, но за жал до сега по трасата ниту е фрлено сол, ниту било какво возило поминало за расчистување на снегот. Патот во моментот е безбеден само за пешачење, и секое движење со возило е на ризик на возачот“, се наведува во соопштението на Општина Карпош.

Овој пат е познат по својата опасност при најмал нанос од снег, бидејќи се случува да замрзне веднаш по падот на првите снегулки. За жал, и најмали количини на снег може да доведат до формирање на голомразица, што дополнително го зголемува ризикот од незгоди.

Токму затоа, општината апелира до надлежните институции да обрнат посебно внимание на овој патен правец, кој е честа точка на заглавување на возила, и да се обезбедат навремени и ефикасни мерки за расчистување, особено во зимските месеци. Потребно е фрлање на сол и редовно поминување на патролни возила, за да се осигура безбедноста на возачите и пешаците.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни