Во пресрет на празничната сезона, Центарот за култура Битола го најавува „Предновогодишниот концерт со Павле Камилоски“, кој ќе се одржи на 26 декември 2025 година со почеток во 20:00 часот, во салата на Центарот за култура – Битола.
Концертот претставува премиерна изведба за битолската публика и носи свежа, внимателно осмислена музичка програма, инспирирана од предновогодишната атмосфера и празничната магија. Станува збор за проект кој зад себе има веќе потврден успех – реализиран со исклучителен одѕив и целосно распродадени изведби во Македонскиот народен театар во Скопје во изминатите години.
Со препознатливиот вокал, сценска присутност и емотивен израз на Павле Камилоски, публиката ќе има можност да ужива во концерт кој ги обединува музиката, празничниот дух и чувството на заедништво што традиционално го одбележува крајот на годината.
Целта на овој проект е да се разбуди предновогодишната атмосфера и да се потсетиме на вредностите на љубовта, сплотеноста и искрената радост, преку музика што допира и поврзува. Настанот е наменет за сите генерации и претставува културен настан кој го збогатува празничниот календар на градот.
