Кога Јован ја пишувал книгата за да постигне комплетна автентичност сакал да работи во својата детска соба, во домот каде што живеел порано. Во книгата, како и во се останато што прави, внесува лични елементи и иницијалниот мотив му е секогаш оттаму.
Околу тоа дали во Македонија има тло за развој на квир уметници, колку добиваат поддршка од институциите, како и за неговата последна изложба „Еластично насилство“ која е поставена во Културен центар „Јадро“, како дел од Викенд на гордоста зборувавме со Јован, кој најискрено ги одговори прашањата видно разочаран од целокупната состојба во државата и нивото на свеста кај луѓето за кое ќе каже дека сега е уште пострашно од порано.

Трн: Главниот мотив за изложбата Еластично насилство е инспирирана од несреќното детство на геј луѓето кои отворено ти раскажале за неприфаќањето од околината, па и од најблиските. Што всушност се случувало во детството на оние кои анонимно ти ги пренеле нивните приказни, а ти сакаш да ги пренесеш на публиката?
Јован: Не е новост дека се нормализирани физичките напади врз луѓето од заедницата во јавниот простор, но кога е нормализирано во рамките на домот, од страна на родителите, врз сопствените деца, тогаш зборуваме за комплетно поинакви последици. Тие што ја погледнаа изложбата ќе го забележат мојот интерес за предмети што имаат историја, во случајот предмети кои се користат за да се нанесат физички повреди. Не можам директно да зборувам за начинот, затоа што ќе треба да зборувам и во името на луѓето кои анонимно ми ги раскажаа своите искуства. Изложбата нуди поинаква перспектива, предметите што се изложени веќе не се корисни за својата намена, добиваат нови и непријатни улоги, сакам гледачите да размислуваат поинаку кога пред нив гледаат низа перници кои наликуваат на голем кревет. Еластично насилство не е само за физичките удари, и за тој што ги добива, не е се околу предметите, можеби е за родителите кои стануваат антагонисти во животот на своите најмили.
Трн: Дали мислиш дека свеста полека се менува и кај нас и полека се прифаќаат различните, а особено за тоа се важни и ваквите фестивали како Викенд на гордоста?
Јован: Очигледно е дека постои промена, но сепак немам некој голем оптимизам затоа што паралелно хомофобијата зема уште поголем замав. Моите искуства со закани и навреди во последно време се многу почести од порано.

Трн: Дали ситуацијата надвор е подобра во однос на нашата околу прифаќањето на се што значи квир?
Јован: Светот не е репер за тоа каква треба да биде ситуацијата во нашата земја, заедницата е подеднакво загрозена во многу држави во светот.
Трн: Викенд на гордоста е општествено корисен фестивал кој ги преставува различните. Дали прв пат се вклучуваш и што можеме ново да очекуваме од тебе?
Јован: Мојата прва самостојна изложба беше дел од фестивалот, а сега и третата. Најдобриот фестивал во регионот заедно со Прво па женско, ако не постоеа овие фестивали македонската публика немаше да посведочи перформативна уметност.
Трн: Дали сметате дека се добива поддршка од институциите и колку тие се вклучени во борбата за правата на маргинализираните заедници?
Јован: Ако не постоеа невладините организации не сакам ни да помислам каква ќе беше ситуацијата под тоа прашање. Можеби постојат минимални промени и во државните институции, но, како што кажав, минимални.

Трн: Колку уметничката сцена во Македонија нуди простор за различен тип уметници, за квир-уметноста, колку сметате дека е препознаена и ценета?
Јован: Уметничката сцена останува во криза. За квир-уметноста, мислам дека во осумдесеттите ја гледале повеќе од тоа што ние ја гледаме денес. Да не постојат денешните фестивали не знам дали ќе ја видиме воопшто. Имаме фантастични уметници, но не сум сигурен дека седат во првиот ред.
Трн: Кој е твојот предизвик за во иднина?
Јован: Предизвик ми е да се воздржам и да останам смирен кога некој кој не ми ги плаќа сметките ме напаѓа и ми кажува како треба да живеам. А кога сме кај плановите, во август започнувам да работам на нова изложба, овој пат колаборација.