Во Хрватска е во тек предизборниот молк пред утрешните претседателски избори на кои бирачите ќе одлучуваат кој од осумте кандидати заслужува да биде шеф на државата.
Актуелниот претседател Зоран Милановиќ, кого го поддржува Социјалдемократската партија со партнерите, ќе се обиде да освои втор мандат и да им се придружи на Фрањо Туѓман и Стјепан Месиќ, кои двапати биле избрани на оваа функција.
Доверба од бирачите бараат уште седум кандидати – Миро Булј (Мост), независниот Томислав Јоњиќ, Ивана Кекин (Можеме), Бранка Лозо (ДОМИНО), Драган Приморац (ХДЗ и партнери), како и независните кандидати Марија Селак Распудиќ и Нико Токиќ Карело.
Според последната анкета пред почетокот на изборната тишина, за актуелниот претседател Зоран Милановиќ би гласале 37,2% од испитаниците, а за кандидатиот од ХДЗ Драган Приморац околу 20,4% од испитаниците.
Анкетата на Дневникот на НОВА ТВ покажува дека Марија Селак Распудиќ и Ивана Кекин имаат поддршка околу 10%, со мала предност за Селак Распудиќ.
Во вториот круг, Милановиќ според ова истражување би бил победник, а неговата победа би била помалку убедлива против Марија Селак Распудиќ отколку против Драган Приморац.
Во анкетите, околу 9,8% од испитаниците не се изјасниле за кого ќе гласаат.
Гласачко право имаат вкупно 3.762.224 бирачи во Хрватска и 38 држави во странство, а првите бирачки места ќе се отворат во Австралија – во Канбера, Сиднеј и Мелбурн, во 21 час по централноевропско време, а ќе се затворат во недела, во 9 часот.
На располагање ќе има вкупно 6.755 бирачки места, од кои 105 во странство, како и 123 места на кои ќе гласаат поморци, затвореници и бирачи во установи за социјално згрижување.
Бирачките места ќе се отворат во недела во 7 часот, ќе се затворат во 19:00 часот, и до тогаш трае и дводневната изборна тишина во која се забранети сите промоции, објавување проценки на резултатите, како и претходни, незванични проценки и резултати од изборите.
Доколку во недела во првиот круг никој не освои апсолутна мнозинство, во вториот круг за место на претседател на државата ќе се борат двата кандидати со најмногу освоени гласови.
Во Државната изборна комисија веруваат дека веќе во недела до 22 часот ќе се знае дали ќе има втор круг или не.
Податоците за одзивот ќе бидат објавени во пладне и во 17 часот, а по првите привремени резултати од гласањето, податоците ќе се ажурираат на секои два часа. Работата на избирачките тела во Хрватска и странство ќе ја следат околу 13.400 набљудувачи.
Претседничките избори се трети оваа година во Хрватска – во април беше избран актуелниот состав на Хрватскиот сабор, а во јуни пратениците во Европскиот парламент.
Од 1992 година, кога се одржаа првите непосредни претседнички избори, за претседател на Хрватска биле избрани Фрањо Туѓман (1992 и 1997 година), Стјепан Месиќ (2000 и 2005), Иво Јосиповиќ (2009), Колинда Грабар Китановиќ (2014) и Зоран Милановиќ (2019).