По неколку години во кои големите филмски франшизи се соочуваа со пад на интересот, серијалот Predator доживеа изненадувачко оживување. Пресвртот започна во 2022 година со филмот Prey, кој беше одлично прифатен и од публиката и од критиката. Најновото продолжение, Predator: Badlands, по солидниот успех во кината, сега остварува значајни резултати и на дигиталните платформи.
Режисерот Dan Trachtenberg успеа да ѝ даде нова енергија на франшизата со модерниот пристап и поинаквиот наративен агол. „Badlands“ во светските кина заработи околу 185 милиони долари, со буџет поголем од 100 милиони. Филмот доби 86 проценти позитивни оценки од критиката на Rotten Tomatoes, а уште повисоки 96 проценти од публиката, што дополнително го засили интересот.
Според податоците на FlixPatrol, филмот повеќе од еден месец се наоѓал меѓу најгледаните на платформите за изнајмување и купување како Amazon, iTunes и Vudu. Од оваа недела е достапен и на стриминг сервисот Disney+, каде моментално е најгледан филм во повеќе земји.
Приказната носи неочекуван пресврт бидејќи дел од нарацијата е раскажана од перспектива на вонземскиот лик. Главните улоги ги толкуваат Димитриус Шустер-Колоаматанги и Elle Fanning, која во меѓувреме доби и оскаровска номинација за споредна улога.
Иако неодамна беше објавено дека Трахтенберг потпишал договор со Paramount Pictures, режисерот изјави дека тоа не значи крај на неговата поврзаност со „Predator“. Напротив, успехот на „Badlands“ покажува дека франшизата повторно е во подем и има потенцијал за нови продолженија.