Пред да стане архитектура: Наталија Зафироска ја открива убавината на недовршеното

Седум години искуство од Катар преточени во уметност – разговор за процесот, суровите материјали и прашањата што ги поставува архитектурата денес.

Наталија Зафироска е архитектка и уметница која својата инспирација ја наоѓа таму каде што архитектурата сè уште не е завршена. По речиси седум години работа на градилишта во Катар, таа го насочува својот фокус кон „фрагментите на постанувањето“, моменти што обично остануваат невидливи за јавноста.

Што се случува пред архитектурата да стане архитектура? За Наталија Зафироска, токму тие сурови, недовршени моменти се најискрениот облик на уметност. Инспирирана од искуството на градилишта во Катар, таа отвора важни прашања за етиката, ресурсите и границите на човечката контрола.

Меѓу бетон, светлина и недовршени форми, Наталија ја пронаоѓа уметноста во процесот на создавање. Нејзините дела сведочат за моментите пред конечната форма, за просторот што сè уште „станува“. Во интервју за Трн, таа говори за убавината на недовршеното и одговорноста што ја носи архитектурата.

Трн: Што те  инспирираше да ја креираш оваа самостојна изложба токму преку фрагменти од градилишта?

Наталија: За време на мојата работа како архитект во Катар имав можност да работам на многу објекти и да го следам нивниот процес на градење. Тоа што за мене беше возбудливо беа чистите и сурови простори кои имаат дури и некаква музејска естетика и истите спонтано се исполнуваат со секакви “предмети” како инсталации градежни материјали кои креираат контраст на сивите и “голи” ѕидови. Токму тие спонтани композиции ме инспирираа најмногу поради нивната привремена природа…да бидат кадрирани и документирани пред да исчезнат засекогаш.

    Трн: Во описот на изложбата се зборува за „фрагменти на постанувањето“ – како ја дефинираш оваа концепција?

    Наталија: Многу ретко луѓето се запрашуваат за процесот.. живееме во свет каде крајната слика е најважна и свесноста за што е потребно да се дојде до неа не допира до крајниот корисник.. сведочењето на процесот на создавање простор низ чиј опсег се креираат безброј пропратни композиции е некогаш за мене дури и повозбудлив и поискрен од завршната фаза…понекогаш се запрашувам зашто да не престанеме тука и дали ова е доволноВо твоите дела ја истакнуваш етиката на користење ресурси и одржливоста – како се обидуваш да ја пренесеш оваа порака преку визуелниот јазик?

    Како е направено нештото? Што значи да се создаде простор? Преку соголување и деконструкција на крајната форма да се сфати како нештото настанува.. мислам дека најважното прашање на сегашноста е од каде и како постануваат објектите и материјалите…доколку си ги поставуваме овие две прашањa доволно често ќе чувствуваме и поголема одговорност.

    Трн: Колку е важен контрастот меѓу човечката контрола и природата во твојата уметност?

    Наталија: Тоа е тема која постојано се провлекува низ мојата работа, веројатно поради парадоксалноста на човековиот однос кон природата. Да започнеме од фактот дека цивилизациски и технолошки се развиваме со најбрз раст, а истовремено со истиот интензитет го уништуваме балансот на природата. Човекот е во илузија дека може се’ да контролира… затоа и всушност се’ се случува во циклуси… човекот достигнува еден степен на моќ и контрола но тоа никогаш не е одржливо на долг рок…се што пробуваме  да контролираме во спротивна насока од неговата природа создава контра индикација.. замислете ако столар работеше во спротивност од структурата на дрвото…

    Трн: Дали мислиш дека архитектурата сама по себе може да биде средство за размислување за етичките и еколошките прашања?

    Наталија: Архитектурата е “заслужна” за речиси 40% од глобалните CO2 емисии, така што одговорноста е огромна! Архитектурата е можеби единствениот вид на уметност што не може да го избегнеме, може да де случи да не гледаш филм или да не одиш на изложба… меѓутоа секој од нас живее, работи, се движи во изградена и создадена средина.. затоа и архитектурата има најголема социјална, општествена и естетска одговорност.. за жал изграденото во најголем случај не е во линија со архитектонските вредности.

    Трн: Дали постои одреден објект или момент од градилиште што те инспирирал да создадете конкретно дело?

    Наталија: На градилиштето,  инспирацијата и делото се случуваат истовремено бидејќи се’ се менува многу брзо така што не станува збор за процес туку за моментално дејствување.. согледување на композиција, боја, материјалност и просторност и документирање на истите квалитети…

    Трн: Што би сакала да понесат посетителите од оваа изложба – чувство, прашање, инспирација?

    Наталија: Би сакала да се задржиме на естетиката на работите што не опкружуваат и дали може да најдеме квалитет и убавина во суровите и искрени материјали и простори како и во баналните секојдневни моменти кои лесно ги одминуваме .. живееме во време на наметливи трендови кои пласираат некаква совршена слика на тоа како треба да живееме, јадеме, како да се облекуваме, но што се случува кога ја немаме таа надворешна навигација?

    е-Трн да боцка во твојот инбокс

    Последни колумни