Белград во солзи и аплаузи: студентите од Нови Пазар стигнаа по 400 километри пеш

Студенти и граѓани маршираа низ улиците на Белград – во чест на жртвите и како потсетник дека општеството не смее да заборави.
Студенти протрст Белград
Foto: REUTERS/Mitar Mitrovic

Со изнемоштени нозе, но со погледи што светат од решителност, студентите од Нови Пазар влегоа во Белград по тринаесет дена пешачење низ дожд, магла и студен ветер. На мостовите ги пречекаа граѓани со цветови и знамиња, аплаузот одекна низ улиците означувајќи нешто што долго не се почувствувало во Србија меѓу двете заедници: чувство на заедништво, на човечка блискост, на солидарност што ја надминува секоја политичка и верска поделба.

Белград како најбитна етапа на патот

Маршот е дел од иницијативата „Чекорите на сеќавањето“, со која студентите им оддаваат почит на 16-те жртви од трагедијата во Нови Сад, кога лани на железничката станица се урна бетонска настрешница. Колоната, во која се приклучија и професори, активисти и граѓани, помина низ десетици градови и села, пренесувајќи порака за одговорност, човечност и сеќавање.

Белград беше најголемата попатна станица на маршот. На влезот во градот, студентите беа пречекани со огномет, транспаренти со натписи „Не заборавај“ и „Чекори за правдата“, како и со извици „Пумпај!“ и „Нови Пазар!“ кои одекнуваа низ плоштадите. На Плоштадот на Републиката, учесниците ги поздравија и актери од Народниот театар, што го направи моментот уште поемотивен.

Пречекот беше повеќе од симболичен – тој покажа единство меѓу заедниците, меѓу младите муслимани од Нови Пазар и студентите од Белград, обединети околу иста порака: дека болката, солидарноста и правдата не познаваат вера или нација.

На маршот се приклучуваат и групи студенти и граѓани од Краљево, Чачак, Ниш, Ужице, Ваљево и Суботица, обединети во идејата дека сеќавањето е форма на отпор и достоинство.

Овој гест, едноставен по форма, но значаен по содржина, ја отвори можноста за нов дијалог меѓу младите од различни средини. Тоа беше Белград што ретко се гледа – без поделби, без пароли, само со чекори и аплаузи.

Следната станица – Нови Сад

По краткиот одмор во Белград, студентите ќе продолжат кон Нови Сад, каде што на 1 ноември ќе се одржи комеморативен собир и ќе биде упатен повик за одговорност на институциите за трагедијата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни