Според заедничкото соопштение, САД распоредиле воени сили во Карипскиот регион и неодамна пресретнале неколку нафтени танкери, во рамки на блокада на венецуелски пловила за кои Вашингтон тврди дека се под санкции. „Не постои право за наметнување еднострани санкции преку вооружена блокада“, наведуваат експертите, додавајќи дека ваквите дејства претставуваат забранета употреба на воена сила спротивна на Повелбата на ОН.
Тие посочуваат дека блокадата е толку сериозна примена на сила што, според дефиницијата за агресија усвоена од Генералното собрание на ОН во 1974 година, јасно се квалификува како незаконска вооружена агресија. „Како таква, таа претставува вооружен напад во смисла на членот 51 од Повелбата, што во принцип ѝ дава право на земјата жртва на самоодбрана“, се наведува во соопштението.
Американскиот претседател Доналд Трамп ја обвинува Венецуела дека приходите од нафта ги користи за финансирање „наркотероризам, трговија со луѓе, убиства и киднапирања“. Каракас ги отфрла обвинувањата за вмешаност во трговија со дрога и тврди дека Вашингтон се обидува да го собори претседателот Николас Мадуро со цел да ги преземе венецуелските нафтени резерви, најголеми во светот.
Експертите наведуваат дека од септември наваму американските сили извеле десетици воздушни напади врз бродови за кои тврдат дека пренесувале дрога, без да изнесат докази. Во тие напади, според нив, загинале повеќе од 100 лица. „Овие убиства претставуваат кршење на правото на живот. Тие мора да бидат истражени, а одговорните изведени пред лицето на правдата“, се вели во соопштението.
Во исто време, правните експерти повикуваат американскиот Конгрес да интервенира за да се спречат понатамошни напади и да се укине блокадата. Тие апелираат и до другите држави да преземат мерки за запирање на блокадата и на, како што наведуваат, незаконските убиства, како и за обезбедување одговорност на сторителите.
Соопштението го потпишале Бен Сол, специјален известувач за заштита на човековите права во борбата против тероризмот, Џорџ Катругалос, експерт за промоција на демократски и праведен светски поредок, Сурја Дева, експерт за развој, и Џина Ромеро, специјална известувачка за правото на слобода на мирно собирање и здружување. Станува збор за независни експерти назначени од Советот за човекови права на ОН, кои не зборуваат во име на самата организација.
Венецуела во вторникот, по барање за итна седница на Советот за безбедност во Њујорк, го обвини Вашингтон за, како што наведе, „најголемата изнуда во нашата историја“.
Извор: Index.hr