„Правда за Фросина“ – Протест во Неготино против неказнивоста и корупцијата во судството

Коренот на сите проблеми во општеството доаѓа од судскиот систем бидејќи тој има неприкосновена обврска да покаже и докаже дека злоделата мора да бидат соодветно казнети. Законодавецот предвидел многу повисоки казни од оние што судот во пракса ги досудува, а ако судиите ја применуваа законската рамка во полн обем, тогаш секој граѓанин би размислувал за последиците пред да постапи.

Ова беше една од пораките испратени денеска од протестот во Неготино, каде се собраа граѓани, роднини и пријатели на 22-годишната Фросина Кулакова, која беше прегазена на булеварот „Партизански одреди“ во Скопје.

Незадоволството од судските одлуки и правниот систем го истакна нејзината сестра, Росица Кулакова, која во своето обраќање рече: „Доколку судиката му го продолжила притворот сè до правосилност на одлуката, а по вчерашната одлука на Апелација тој само ќе беше спроведен во затвор – мојата сестра Фросина денес ќе беше жива.“

Таа директно ја посочи судиката Даниела Алексовска Стојановска како одговорна за тоа што осомничениот Васил Јованов, кој ја предизвика сообраќајката, не бил задржан во притвор.

Присутните на протестот побараа правда не само за Фросина, туку и за сите жртви на сообраќајни несреќи во Македонија.

„Ова мора да престане! Изнајдете начин вие што ја имате моќта на одлучувањето  во свои раце –  во законските рамки, во воспитната превенција, во правичното и неселективно судство. Секој чекор од овој протесен марш е порака до вас“, изјави Катерина Недева, другарка на Фросина.

Таа додаде дека „ секој чекор од овој протесен марш е поддршка на семејствата што изгубиле дел од својата душа и што мора да продолжат да чекорат со товарот на загубата. Од  моментот кога една човечка судбина добила име, општеството станува должник на семејството. А нему единствена утеха може да му биде, правда за неговото дете“

Присутните на протестот носеа транспаренти со пораки против неказнивоста и судската корупција, а меѓу насобраните имаше и блиски на претходни жртви, кои побараа ревизија на случаите.

Фросина Кулакова загина на 29 јануари 2024 година, откако беше прегазена од автомобил додека минувала на пешачки премин. Осомничениот Васил Јованов, според обвинителството, возел под дејство на алкохол, без возачка дозвола и минал на црвено светло. На него му беше одреден притвор од 30 дена.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни