Предлогот за зголемување на минималната плата на 36.960 денари (600 евра) од март 2026 до март 2027 не доби поддршка од пратениците од владејачкото мнозинство на седницата на Комисијата за економски прашања, труд и енергетска политика.
Предлогот го образложи координаторот на пратеничката група на СДСМ, Оливер Спасовски, кој истакна дека во изминатите две години значително растат цените на основните прехранбени производи, енергентите, комуналните услуги и здравствените трошоци, а потрошувачката кошничка бележи континуиран раст.
Минималната плата во моментов изнесува 24.379 денари, а според закон, таа треба да се зголеми на околу 26.000 денари во март. Опозицијата и синдикатите сметаат дека ова не е доволно, и бараат минималец од 600 евра. Според анализа на ССМ, 33% од работниците во земјава добиваат плата под 500 евра.
Пратениците од власта не се вклучија во дебата, со исклучок на еден пратеник од ЗНАМ кој изјави дека ќе даде поддршка, но тоа не беше доволно за предлогот да помине.
ССМ најави продолжување на таргетирани блокади во март, како и организација на генерален штрајк и нов протест, барајќи покачување на минималната плата за 100 евра и доведување на минималецот до 600 евра.
Власта, пак, тврди дека ќе поддржи повисок минималец само доколку се постигне договор со работниците и работодавците, нагласувајќи дека куповната моќ во Македонија е повисока од некои други европски земји, но се уште под европскиот просек.