Дали е опасно да го миете автомобилот на ниски температури? Еве што навистина препорачуваат експертите

Стручњаците предупредуваат: зимското миење на автомобил може да му наштети на возилото повеќе отколку што мислите – но само под одредени услови.

Во сезоната на студ, мраз и солени коловози, прашањето дали автомобилот треба да се мие или да се остави „на зимски сон“ секогаш предизвикува поделени мислења. Дел од возачите сметаат дека токму зимата е најважниот период за редовно чистење, бидејќи насобраната нечистотија и солта можат да го оштетат лакот. Други пак веруваат дека честото миење може дополнително да го оптовари возилото и да предизвика пукнатини, лупење или корозија.

За да ја разјаснат оваа дилема, експертите од Германскиот автомобилски клуб (ADAC) ги сумираа најрелевантните препораки за одржување на возилата во зимски услови.

Според нив, фреквенцијата на миење во текот на зимата не мора драстично да се разликува од онаа во летните месеци. Доколку сметате дека на автомобилот му е потребно миење слободно направете го тоа. Но, важно е да се земе предвид состојбата на лакот: силно агресивната зимска нечистотија, особено мешавината од сол и кал, може да биде проблематична само ако постојат веќе оштетени делови на површината, како гребнатини или лупење на бојата. Современите возила, со подобрена фабричка заштита, цинк-обложени каросерии и напредни подлоги, значително подобро се справуваат со зимските услови отколку постарите модели.

Најважниот момент што треба да се избегнува е миење на автомобилот при екстремно ниски температури односно под минус 10 степени Целзиусови. Во такви услови се зголемува ризикот од термички шок: топлата вода од пералницата (10 до 30°C) може негативно да влијае врз ладните метални површини, особено ако лакот претходно бил оштетен.

Пред влегување во пералница, задолжително е да се отстранат насобраните мраз и снег од каросеријата. Стругањето може лесно да предизвика микро-гребнатини и дополнително да ја оштети бојата.

Кога станува збор за избор на програма за миење, експертите препорачуваат темелно испирање како основен и најважен чекор, бидејќи така се отстранува абразивната нечистотија што може да го нагризе лакот. Програмите со скап топол восок или специјална заштита на подвозјето не се неопходни, барем не од техничка перспектива. Сепак, возачите кои сакаат дополнителна заштита можат да ги користат овие услуги, но без очекување дека тие се пресуден фактор за долговечноста на возилото.

Она што е многу поважно, нагласуваат стручњаците, е редовен зимски и пост-зимски технички преглед на возилото. Проверка и поправка на евентуални оштетувања на подвозјето, заптивните слоеви и металните споеви може да спречи корозија во рана фаза – процес што лесно започнува токму во зима, но останува незабележан до пролет.

Заклучокот е јасен: миењето на автомобилот во зима не е штетно само по себе. Проблемот се јавува кога се игнорираат температурните услови, не се отстрануваат остатоците од мраз и снег, или кога возилото веќе има оштетена боја. Со внимателен пристап, правилно избран момент и редовна грижа, зимското миење може да биде корисна рутина што помага во зачувување на изгледот и вредноста на возилото.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни