Прага воведува забрана за електрични тротинети од 2026 година

Од јануари 2026, Прага целосно забранува изнајмување електрични тротинети поради поплаки за хаос и опасности на улиците. Градот планира да го промовира користењето велосипеди.

Главниот град на Чешка, Прага, најави целосна забрана за изнајмување електрични тротинети, која ќе стапи на сила во јануари 2026 година. Одлуката е донесена по бројни жалби од граѓаните за хаосот кој го предизвикуваат тротинетите на градските тротоари, објави The Guardian.

Нови правила за споделен превоз

Членовите на градскиот совет во понеделникот изгласаа нови регулативи за споделен превоз. Додека за велосипедите – класични и електрични – ќе се воведат нови правила за паркирање, електричните тротинети целосно се исклучени од новите прописи, што во пракса значи нивна забрана.

„Крај на хаосот на улиците“

Одлуката ја потврди и Зденек Хршиб, заменик-градоначалник задолжен за сообраќај, кој на платформата X напиша:

„Одобрена е забраната за електрични тротинети! Воведуваме јасни правила што ќе го ослободат јавниот простор од неконтролираниот сообраќај на тротинети, кои често беа користени како туристичка атракција, а не како превозно средство – предизвикувајќи хаос на тротоарите и во пешачките зони.“

Прага го следи европскиот тренд

Со оваа мерка, Прага им се придружува на други европски градови кои воведоа ограничувања или забрани за тротинети:

  • Париз и Мадрид веќе ги забранија целосно.
  • Во Италија се бара носење кацига и задолжително осигурување.
  • Финска забрани возење тротинети на лица под 15 години.

Градските власти наведуваат дека добиле многубројни поплаки за опасно возење по тротоари и паркови, како и за блокирање на премини од неправилно оставени тротинети. Тие додаваат дека електричните тротинети имаат значително поголема стапка на несреќи во споредба со велосипедите.

Реакција од операторите

Компанијата Lime, еден од најголемите оператори на тротинети во Прага, изрази жалење поради одлуката. Нивниот директор за Чешка, Вацлав Петр, изјави:

„Во градовите каде што постои конструктивен дијалог со операторите, тротинетите можат многу добро да функционираат и да им служат на граѓаните.“

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни