Илјадници луѓе излегоа на улиците на Прага, главниот град на Чешка, во знак на поддршка и противење на правото на абортус, при што полицијата интервенираше за да спречи инциденти. Протестите се одржаа паралелно со традиционалниот „Марш за живот“, организиран од Католичката црква, чии учесници маршираа низ центарот на градот по миса во катедралата Свети Вит.
Во исто време, стотици, главно млади демонстранти, организираа контрапротест под слоганот „Прага е феминистичка“, носејќи транспаренти со пораки како „Женските права се човекови права“ и „Моето тело, мој избор“.
Полицијата беше распоредена во голем број со цел да се избегнат судири меѓу двете групи, а според официјални информации, пет лица биле привремено приведени поради непочитување на полициските наредби.
Инаку, бројот на абортуси во Чешка е во опаѓање со децении и изнесува околу 15.000 годишно, според националните статистики.
Законот во земјата дозволува прекин на бременоста до 12-та недела без наведување причина, додека од медицински причини абортусот е дозволен до 24-та недела, што ја прави Чешка една од земјите со релативно либерална регулатива во Европа.