Италијанската модна куќа Prada размислува за можноста да го купи познатиот бренд Versace, кој неговиот сопственик, Capri Holdings, го стави на продажба. Како што пренесува Ројтерс, Prada ја ангажирала инвестиционата банка Citi за да ја процени потенцијалната понуда за преземање на еден од најпрепознатливите луксузни брендови во светот.
Оваа одлука доаѓа во момент кога Capri Holdings, американски сопственик на Versace, бележи пад на продажбата на глобалниот пазар на луксуз, кој вреди 400 милијарди долари. Главната причина за овој пад е намалената потрошувачка на богати кинески купувачи, што ја поткопа довербата во индустријата и означи крај на нејзиниот период на процут.
Versace, симбол на италијанскиот луксуз, моментално сочинува една петина од приходите на Capri Holdings. Сепак, брендот се соочува со пад – приходите во последната фискална година паднаа на 1,03 милијарди долари, додека претходната година беа 1,1 милијарди. Оперативната маржа бележи уште посериозен пад, од 13,7 на само 2,4 проценти.
Модната куќа Versace беше основана во 1978 година во Милано од дизајнерот Ѓани Версаче, чији смели дизајни и луксузен стил брзо станаа синоним за италијанската мода. По неговата трагична смрт во 1997 година, семејството продолжи да управува со компанијата сè до 2018 година, кога брендот беше продаден на Capri Holdings.
Од друга страна, Prada бележи раст и покрај падот во луксузната индустрија. Во третиот квартал на 2024 година, оваа италијанска модна куќа постигна раст на продажбата од 18 проценти, што аналитичарите го гледаат како резултат на успешната стратегија. Сепак, скептични се во однос на можната аквизиција на Versace, потсетувајќи на неуспешните обиди на Prada да ги преземе брендовите Jil Sander и Helmut Lang кон крајот на 1990-тите.
Главниот извршен директор на Prada, Андреа Герера, изјави дека компанијата не планира големи аквизиции и дека е фокусирана на развој на постоечките брендови.
Вестите за можната продажба веќе влијаат на пазарот – акциите на Capri Holdings пораснаа за 5 проценти во предтрговскиот период, додека акциите на Prada на хонконшката берза забележаа мал пад од 0,4 проценти.
Дали Prada ќе одлучи да го прошири својот портфолио со купување на Versace или ќе се повлече од трката, останува да се види. Едно е сигурно – судбината на еден од најпознатите луксузни брендови во светот виси во воздух.