Покачувањето на нивото на морето во Европа би можело да избрише дел од најубави плажи, додека крајбрежјето на континентот би можело целосно да се преобликува, и тоа за помалку од еден век.
На прво место е една од најпознатите плажи во Црна Гора.
Нивото на морето расте сè побрзо и побрзо, предупреди Европската агенција за заштита на животната средина (ЕЕА) во еден од своите најнови извештаи. Помеѓу 2006 и 2018 година, нивото на морето се искачило во просек за 3,7 милиметри годишно, повеќе од двојно побрзо отколку во текот на 20 век. Доколку емисиите на гасови останат високи, нивото на морето би можело да се искачи помеѓу 0,63 и 1,02 метри до 2100 година. Симулациите на ЕЕА го зедоа предвид и најлошото можно сценарио – брзото распаѓање на поларните ледени покривки. Ова би довело до покачување на нивото на морето до пет метри до 2150 година.

Свети Стефан е на првото место меѓу најзагрозените плажи, а се наведува дека до крајот на векот, ова подрачје би можело да изгуби повеќе од 200 метри крајбрежна линија, објавува Juronujz.
На второ место е плажата Порто Џунко во Сардинија, која, според проценките, би можела да изгуби 107 метри крајбрежна линија, а на трето место е плажата Бенагил во Португалија, чија загуба се проценува на 70 метри крајбрежна линија.
На четврто и петто место се плажите на норвешкиот остров Верој и Ким Беј во Ирска, кои би можеле да изгубат 58, односно 40 метри крајбрежна линија. Рејнисфара во Исланд, една од најопасните плажи во светот позната по својот црн вулкански песок, е на шесто место и би можела да биде дополнително загрозена, со очекувана загуба од 35 метри.
На седмото место на најзагрозените плажи и крајбрежни области е плажата Мариније, една од најдобро оценетите плажи во областа Ница, за која студиите предвидуваат ерозија од речиси 35 метри до 2100 година.
Плажата Пасјача во Хрватска, во близина на Дубровник, би можела целосно да биде уништена до 2100 година, со предвидено повлекување на брегот од 31 метар.
На последните две места, деветто и десетто, се плажите во британски Корнвол, на кои им се заканува губење на 30 метри брег, и францускиот брег помеѓу Ница и Кан, кој би можел да изгуби до 28 метри брег, пишува RT Balkan.
Дали е неизбежно зголемувањето на нивото на морето?
Краткиот одговор е – да. Според експертите, зголемувањето на нивото на морето не може целосно да се запре бидејќи делумно е предизвикано од „климатската инерција“, топењето на поларните ледени капи и ширењето на океаните поради затоплувањето.
„Предупредувањата дека плажите исчезнуваат не се заплашување, туку реална претстава за тоа што нè очекува ако не преземеме решителни мерки“, нагласуваат тие.