Според германскиот „Билд“, популарниот синџир пекари мораше да прогласи банкрот и покрај рекордните приходи во последните години. Во Германија завршува уште една долга традиција. И покрај најдобрите напори, сопственикот на синџирот пекари едноставно не можеше да ги одржува своите филијали.
Ова е приказната за пекарницата „Seidels Klosterbäckerei“, чии корени датираат од 1900 година во градот Нозен во Саксонија.
Во 2018 година, по пензионирањето на брачниот пар Зајдел, пекарницата ја презеде Патрик Шилкен (41), кој главното производство го пресели во градот Дебелн. Тој го прошири бизнисот и на други локации, две во Лајпциг, една во Носен и една во Дрезден кои работеа со полн капацитет. Шулкен никогаш не се жалел на прометот, бидејќи минатата, 2024 година остварил рекордни приходи од 1,43 милиони евра.

Сепак, Шулкен вели дека компанијата е во загуба, со што банкротот станал неизбежен. Ситуацијата станала толку тешка што дури и сопственикот Шулкен морал да стои зад шанкот и сам да ги продава производите секој ден.
„Последниот пат бев на одмор во 2016 година“, изјави тој за германските медиуми.
Како е тоа можен банкрот со толкав промет?
„Сè одеше добро до 2022 година, но оттогаш тргна надолу. Цените на суровините и енергијата се зголемија дури трипати, а минималната плата постојано растеше. На крајот, едноставно не ви останува ништо“, рече Шулкен сумирајќи ги причините за колапсот.
И покрај рекордниот промет во 2024 година, му недостасуваа 20.000 евра за да ги плати само своите вработени.
Администраторот за банкрот Хенри Гирбиг (50) истакнува дека ова не е изолиран случај.
„Бранот на банкрот во моментов посилно ги погодува малите и средните пекари. Поголемите синџири можат полесно да ги апсорбираат овие дополнителни трошоци и да ги прилагодат своите цени“, објасни тој.
Во моментот се бара инвеститор за да се спаси „Seidels Klosterbäckerei“ и неговата долгогодишна традиција.
„Ние сме во преговори со потенцијален инвеститор. Сè ќе биде појасно во наредните недели“, рече Гирбиг.
Судбината на 29 вработени, од кои 19 се вработени со полно работно време, зависи од исходот на овие преговори.
