Турски суд во Истанбул нареди апсење на 20 осомничени, меѓу кои и неколку професионални фудбалери, како дел од проширената истрага за местење натпревари и обложување во турскиот фудбал.
Меѓу уапсените фудбалери се Мерт Хакан Јандас, играч на Фенербахче, Метехан Балтачи, член на Галатасарај и сенегалскиот играч Аласане Ндао, моментално член на Коњаспор.
Јандас е 31-годишен фудбалер кој одигра еден натпревар за турската репрезентација, Балтаџи има 23 години и некогаш беше стандарден член на турската репрезентација до 21 година, додека 28-годишниот Ндао има три настапи во кариерата за репрезентацијата на Сенегал.
Турската новинска агенција објави и дека поранешниот потпретседател на Адана Демирспор, Мурат Санџак, моментално е во притвор.
Минатиот месец, Турската фудбалска федерација суспендираше дури 149 судии кои беа обвинети за вмешаност во обложување на некаков начин, а сегашните апсења следат по големата операција минатата недела во која беа приведени 39 лица под обвинение за нелегално обложување и местење натпревари.
Фудбалерот на Галатасарај, Балтачи, призна дека се обложувал, но додека бил млад играч, и изјави дека не се занимавал со такви активности од денот кога потпишал за Галатасарај. Фудбалерот на Фенербахче, Јандас, беше обвинет дека се обложувал на натпреварите на сопствениот клуб преку трето лице.
