Франческо Ривела, долгогодишен близок соработник на Мајкл Фереро и хемичар кој значително придонел за тоа Нутела да стане глобална икона, почина во 97. година. Тој беше еден од главните соработници на Мајкл Фереро, сопственикот на италијанската фабрика, а главното прашање кое ги мачи многу љубители на овој деликатес, е дали наследниците на Фереро ќе бидат способни да го зачуваат овој бренд. А, еве како започна сè.
Приказната започнува во 1806 година во Торино, Италија, кога Наполеон се обидувал да ја блокира трговијата со Британија во намера да победи во војната. Блокадите предизвикале чоколадото да стане вистинско богатство. Недостигот на какао ги натерало производителите на чоколадо во оваа област да експериментираат со нови вкусови.
Вешт производител на чоколадо во Торино започнал да експериментира со локални лешници за да ја продолжи залихата на чоколадото. Новиот крем го добил името по ликот од Торино – Gianduja. Поради тоа што лешниците биле многу евтини во оваа област, чоколадото „гианџуја“ станала поевтина и достапна за консумирање.
Повторен раст на цената на чоколадото
За време на Втората светска војна, цената на чоколадото повторно нагло пораснала. Од таа причина, 1946 година, италијанскиот слаткар од Алба во Пијемонт по име Пјетро Фереро, основач на италијанската компанија за производство на слатки Фереро, одлучил да се справи со овој предизвик, повторно користејќи го магичниот крем од лешници.
Фереро ја претставил новата верзија наречена “Supercrema Gianduja”. Кремот брзо станал популарен во сите домови низ Италија. Го намазувале на препечен леб, кроасани, го мешале со сладолед или го јаделе директно од теглата со лажичка. Учениците трчале со препечен леб, надевајќи се дека ќе добијат бесплатна ужина од трговците.
Синот на Фереро, Мајкл, во 1963 година ја оживеал Supercrema. За да го промовира во цела Европа, производот бил преименуван во “Нутела”. Во 1964 година првата тегла Нутела ја напуштила фабриката во Алба на 20-ти април и производот постигнал моментален успех, пишува порталот Моја чоколада.
Денес, главни состојки на Нутела се лешници, палмино масло, шеќер, какао и обезмастено млеко. Кога францускиот сенатор Ив Даудини 2012 година предложил зголемување на данокот на палминото масло, кое е со 20% еден од главните состојки на Нутела, медиумите го нарекле “данок на Нутела”.
Неколку интересни факти за Нутела
Нутела пристигнала во Америка во 1983 година. Од тогаш стекнала култен статус – вкусниот крем има и свој Светски ден на Нутела, кој се обележува на 5-ти февруари.
Фереро секоја година купува околу четвртина од светската залиха на лешници. Тоа е повеќе од 100.000 тони.
Во секоја тегла Нутела од 400 грама има точно 52 лешника.
Италијанците се толку горди на Нутела што ја ставиле на поштанска марка.
Во Франција, 2015 година, судот им забранил на родителите на една девојка да ѝ дадат име Нутела, со образложение дека со такво име може да стане предмет на потсмев и понижување.
Еден дизајнер отишол еден чекор подалеку и создал бравa со која може да се заклучи теглата Нутела. Идејата станала толку популарна што изумителот започнал да ги продава на eBay.