Ситуацијата во Езерани останува критична, пожарот се приближува до околните населени места и потребна е одлучна и координирана интервенција, објавија попладнево од Македонското еколошко друштво.
„Ова заштитено подрачје сместено на северното езерско крајбрежје важи за едно од најзначајните подрачја за биолошка разновидност во Преспанскиот регион и во државата, дом на голем број растителни и животински видови кои во моментот се жртва на пламените јазици. Освен негативните последици врз биодиверзитетот, пожарот несомнено ќе се одрази негативно и врз целиот Преспански предел, дополнително ќе биде нарушена состојбата на Езерото, како и квалитетот на живот на локалното население! Под ризик се приватните поседи и овоштарниците од населените места кои граничат со Паркот“ велат од МЕД.
На оваа локација пожар беснее цел ден, на терен се екипи на Противпожарната бригада, ренџери, а се бара и помош за гаснење од воздух.
„Оштетени се повеќе површини, а опасноста го демне и националниот парк Езерани, кој како што е познато, претставува заштитено подрачје. На терен се ресенските пожарникари, ние од локалната самоуправа, ренџери од националниот парк и локалното население кое помага, потврдија за МИА од Општина Ресен.

Според информациите од терени, со пожарот зафатени се трска, шума и јаболкови насади во преспанските села Езерани, Воккодери и Покрвеник, а опасноста да биде зафатен Националниот парк „Галичица“ не е исклучена.