Пожари во Грција – Огнената стихија беснееше во Лефкада и Каристос

Во текот на вчерашниот ден, Грција се соочи со серија пожари, од кои најголеми избувнаа во Лефкада и Каристос, предизвикувајќи аларм кај властите и итна евакуација на дел од населението.

Во попладневните часови, пожар зафати шумска област во регионот Агиос Никитас на Лефкада, а поради опасноста за жителите беше активиран бројот 112 со порака за евакуација. „Шумски пожар во вашата област. Доколку се наоѓате во Агиос Никитас, веднаш упатете се кон Лефкада и следете ги инструкциите на надлежните власти,“ стоеше во предупредувањето.

На терен беа мобилизирани 34 пожарникари, две пешадиски единици од 5-та EMODE, 10 противпожарни возила и еден хеликоптер, а дополнителна помош пружија и локалните водоводни служби. Според последните информации, огнот бил ставен под контрола синоќа, но противпожарни екипи остануваат на терен за да спречат повторно разгорување.


Во исто време, друг голем пожар беснееше во шумска област во Калијанои, Каристос. Локалните жители изразија загриженост поради силните ветрови кои го разгоруваа огнот и отежнуваа негово гаснење. Пастирите од областа со батерии во рацете се обидувале да ги спасат своите стада.

Противпожарните служби и во двата региона остануваат во состојба на зголемена готовност, бидејќи високите температури и силните ветрови продолжуваат да претставуваат закана за нови пожари.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни