Трагедијата се случила во градската населба Акасака. Според локалните медиуми, истрагата покажала дека неисправна квака можеби им го оневозможила излегувањето од сауната. Дополнително, утврдено е дека системот за итно алармирање во објектот не бил во функција и тоа, наводно, веќе околу две години.
Жртвите се идентификувани како 37-годишната маникирка Јоко Мацуда и нејзиниот 36-годишен сопруг Масанари, сопственик на козметички салон.
Пожарникарите биле повикани на местото на настанот во понеделникот околу 12:25 часот по локално време, откако се активирал противпожарниот аларм. Кога пристигнале, ја затекнале кваката од вратата на сауната на подот, а брачниот пар бил пронајден онесвестен, паднат еден врз друг, со главите непосредно до вратата. Тие итно биле пренесени во болница, но подоцна им подлегнале на повредите.
Според првичните наоди на полицијата, пожарот најверојатно бил предизвикан од пешкир кој дошол во контакт со жешките камења во сауната. Иако просторијата имала ѕиден итен аларм, тој бил исклучен. Метрополитенската полициска управа соопшти дека капакот од алармот бил отстранет, што укажува дека парот можеби очајнички се обидувал да го активира.
Вработените во објектот изјавиле дека алармниот систем не функционирал „приближно од 2023 година“. Сопствениците на сауната „Сауна Тајгер“ изразија сочувство преку соопштение објавено на нивната интернет-страница, наведувајќи дека длабоко жалат за трагичниот настан и дека целосно соработуваат со истрагата на противпожарната служба и полицијата.
Објектот е затворен до понатамошно известување, а на сите клиенти со направени резервации ќе им биде вратен уплатениот износ.
Јавно-здравствениот центар Минато, пак, за весникот „Асахи Шимбун“ изјави дека сауната последен пат била инспектирана во април 2023 година и дека тогаш „не биле утврдени поголеми недостатоци во опремата“.
Трагедијата се случува во период кога сауните стануваат сè попопуларни во Јапонија, но со порастот на нивната употреба се зголемува и бројот на несреќи, што повторно ги отвори повиците за построги безбедносни стандарди и регулативи.
Извор: Index.hr
