Пожар во ноќен клуб во Гоа однесе 25 животи

Страшен пожар во популарниот ноќен клуб Birch во индиската туристичка покраина Гоа однесе најмалку 25 животи, меѓу кои 21 вработен и четворица туристи од исто семејство од Њу Делхи, соопштија локалните власти.

Првичните сомнежи дека експлозија на плинска боца во кујната го предизвикала пожарот беа отфрлени. Главниот министер на Гоа, Прамод Савант, изјави дека истрагата сега укажува на употреба на внатрешни пиротехнички ефекти кои предизвикале брзо ширење на огнот во преполниот објект, каде посетителите дошле да слушаат познат Боливуд диџеј.

Полицијата уапси четворица лица, меѓу кои и менаџерот на клубот, а издадена е и потерница за сопственикот. Спасувачките екипи утрово продолжија да пребаруваат низ целосно изгорената структура, каде што беа забележани стопени маси, мебел и растенија.

Очевидци опишаа сцени на паника и хаос во моментите кога избувнал пожарот. Еден сведок за BBC изјави дека слушнал вресоци и дека веднаш се видело дека станува збор за огромен пожар. Проблем претставувал и тесниот премин преку малото езерце што водел кон главната зграда, што значително го забавило пристигнувањето на противпожарните екипи.

Според властите, тројца од загинатите починале од тешки изгореници, додека најголемиот број починале од задушување. Шестмина повредени се хоспитализирани и се во стабилна состојба. Меѓу загинатите работници имало луѓе од повеќе индиски држави, Џаркханд, Утараканд, Махараштра, Асам, Утар Прадеш, Западен Бенгал и Карнатака, како и еден работник од Непал.

Пожарот повторно го отвори прашањето за безбедноста на ноќните клубови во Гоа, регион кој само во првата половина од годината го посетиле околу 5,5 милиони туристи, од кои 270.000 странци. Дел од опозициските политичари оценија дека надлежните мора да воведат построги регулативи за новите клубови што никнуваат низ покраината.

Премиерот Нарендра Моди трагедијата ја нарече „длабоко тажна“, додавајќи дека очекува брза и темелна истрага. Главниот министер Савант најави дека извештајот за причините ќе биде објавен за една недела и дека „секој што ќе се најде одговорен ќе се соочи со најстроги санкции“.

Трагедијата во Гоа е само една во низата смртоносни пожари што ја погодија Индија во последниве години, каде лошата противпожарна заштита и прекршувањето на безбедносните стандарди често се наведуваат како клучни фактори за високиот број на жртви.

Извор: BBC

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни