Бројни пожари кои беснеат низ Лос Анџелес четврти ден по ред, однеле најмалку 11 животи. Ветерот кој го распламтува пожарот во петокот почнал да ослабува, додека се слушат се погласни критики на работата на спасувачките и другите служби вклучени во управувањето со природната катастрофа.
Поради пљачките кои се случиле на погодените, евакуирани подрачја, воведен е строг полициски час од 18:00 до 06:00 часот наутро во областите Пацифик Пелисејдс и Алтаден. Тоа се исто така области кои претрпеле најголема штета од пожарите.
Гувернерот на Калифорнија, демократот Гејвин Њусом, во петокот нареди „сеопфатна независна истрага“, на службата за дистрибуција на вода. Гувернерот ги опиша пропустите во снабдувањето со вода и загубата на притисокот во хидрантите на почетокот на катастрофата, што придонело за ширењето на пожарот, како „извонредно вознемирувачки“.
„Потребни се одговори за да знаеме што точно се случило“, изјави гувернерот во отворено писмо.
Во разорните пожари животите до сега ги загубиле 11 луѓе, делови од вториот најголем град во САД се целосно уништени: исчезнале 10.000 згради и куќи, а повеќе од 14.000 хектари земјиште се претворени во пепел.
Претседателот Џо Бајден изјави дека ова го потсетува на воени сцени со бомбардирани области.
Тековно се активни пет пожари, а најголемиот од нив досега изгорел повеќе од 8.000 хектари земјиште близу Малибуа и областите Пацифик Пелисејдс.
Иако ветерот ослабува, што е во корист на пожарникарите, најавени се нови евакуации во областите Пацифик Пелисејдс.
Дин Крисвел од федералната агенција за природни катастрофи (FEMA) соопшти дека ситуацијата „и понатаму е многу опасна“.
Пред да биде воведен полициски час и распоредени сили на редот за да се спречи пљачка, жителите се самоорганизирале за да ги заштитат оние што останале од нивните домови и населби.