Пожарот кој синоќа изби во Домот за пензионери во Тузла резултираше со повеќе од дваесет хоспитализирани лица, потврди директорот на Универзитетскиот клинички центар (УКЦ) Тузла, д-р Шеќиб Умиханиќ.
Според неговите зборови, на Клиниката за пулмологија се примени 20 пациенти, меѓу кои тројца полицајци и шест пожарникари, а останатите се корисници и вработени во домот.
„За жал, една пациентка од Домот за пензионери почина во текот на ноќта на Одделението за пулмологија,“ изјави д-р Умиханиќ за медиумите.
Од Клиниката за анестезиологија и реаниматологија известија дека се примени осум пациенти, од кои пет се на респиратор и во исклучително тешка состојба, додека еден пациент починал од последиците од повредите.
Кај хоспитализираните е дијагностицирано вдишување на токсични гасови и продукти на согорување, што довело до инхалациони повреди на дишните патишта.
Во Клиниката за интерни болести моментално се сместени уште двајца пациенти, а целиот персонал на УКЦ Тузла бил вклучен во процесот на згрижување и опсервација.
„Универзитетскиот клинички центар стави на располагање сите расположливи капацитети за хоспитализација и привремен сместувачки капацитети за корисниците на Домот, во случај да немаат соодветно згрижување,“ изјави Умиханиќ.
Истражните служби и противпожарните екипи продолжуваат со увид на теренот за да се утврдат причините за трагичниот инцидент.